Македонија
27. December 2016 - 14:28

ВМРО-ДПМНЕ: Загадувањето е премногу сериозна тема за дневно-политички маркетинг

Загадувањето на воздухот е тема која е премногу сериозна за дневно-политички маркетинг и крајно е невкусно СДСМ да даваат паушални изјави и предлози за решавање, без никакви докази и показатели за потенцијалните ефекти, реагира ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на соопштението на СДСМ.

Партијата посочува дека на вчерашниот состанок на градоначалниците од Скопскиот плански регион донесени се повеќе заклучоци за долгорочни мерки против загадувањето, како што се можностите да се субвенционира проширувањето на топловодната мрежа и вклучувањето на домаќинствата, како и можноста сите станови во една станбена зграда да бидат приклучени на мрежата за парно греење.

- Ова е важно бидејќи токму СДСМ е партијата која го започна и спроведе процесот на приватизација на скопска Топлификација, со што се нанесоа сериозни штети на интересите на граѓаните на Скопје. Токму приватизацијата на Топлификација е почетокот на масовното исклучување на жителите на Скопје од овој систем и префрлање на други форми на загревање на нивните домови, многу од нив кои се многу нееколошки и директно виновни за високата загаденост на воздухот, се вели во реакцијата. 

ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека досега се превземени повеќе активности, како што се прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат,  посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, бесплатен автобуски превоз за некои категории на граѓани, набавка на повеќе од 300 нови автобуси со ЕУРО 4 и ЕУРО 5 мотори, електричен автомобил, електроскутери и електровелосипеди, доделени се 196 субвенции за купување печки на пелети....

- Покрај овие мерки, кои ќе се спроведуваат и во наредната година, Владата на РМ ќе набави 50 нови електични автобуси, каде цената на еден ваков автобус се движи од 300.000 до 500.000 евра и нивната набавка ќе чини од 15 до 25 милиони евра евра. Средства за овие автобуси би биле делумно покриени од буџетот на Град Скопје, а делумно од буџетот на Република Македонија, наведува ВМРО-ДПМНЕ.