Македонија
12. March 2017 - 16:19

ВМРО-ДПМНЕ: Заев не се откажа од платформата и не ги осуди изјавите на Села

Зоран Заев да прифати поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за формирање влада откако претходно јавно ќе се откаже од тиранската платформа или да прифати одржување нови парламентарни избори заедно со локалните, рече денеска на прес-конференција  Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, на изборите граѓаните ќе имаат можност да кажат што мислат за тиранската платформа, а тоа е воедно и најдобрата дебата што Заев може да ја отвори по ова сериозно прашање кое, оцени, е закана по унитарниот и мултиетничкиот карактер на државата.

Јовановски обвини дека Заев е подготвен да дојде на власт по секоја цена, па дури и, како што нагласи, да ги прифати елементите на тиранската платформа кои значат разнебитување на државата.

- Граѓаните оправдано се плашат дека Зоран Заев е подготвен да ги погази унитарноста, суверенитетот, интегритетот и достоинството само за да формира влада базирана врз тиранската платформа. Поважни му се потписите на Алијансата на Албанците отколку достоинството на народот во Македонија, поважна му е поддршката на Зијадин Села, отколку националните и државните интереси, посочи Јовановски.

Заев, додаде Јовановски, не му се спротивстави на Зијадин Села кој рече дека не постои македонски идентитет и дека пред 100 години немало Македонции, продолжи да го третира како реформатор, иако Села изјавуваше дека за Албанец премиер е понижување да давал заклетва пред македонска химна и пред македонско знаме.

- Заев и СДСМ тоа го прават зашто се уценети, бидејќи се до гуша заглавени во криминал и сега поприфатливо им е да коалицираат со Села, човекот кој македонскиот народ го множи со нула, кој не го почитува македонското знаме и кој не ја почитува македонската химна и кој смета дека Македонија од АСНОМ, 1944-та до 1956-та се градела на темели на наводен геноцид врз Албанците, посочи Јовановски.

Потенцира и дека „Заев ниту еднаш не кажа јасно и гласно дека се откажува од намерата да формира тиранска влада врз основа на платформа формирана во странска држава со диктат на странски премиер“. - Наместо тоа, најави дека ќе дебатира за елементите во тиранската платформа и врз основа на мислењата на партиски експерти на потписниците на платформата, а потоа ќе почне да имплементира во фази една по една од точките, додаде Јовановски.