Македонија
28. јуни 2017 - 9:37

ВМРО-ДПМНЕ: Заев не ги осуди изјавите за крај на македонизмот

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение повторно побара одговор за содржината на договорот за добрососедство  со Бугарија по неодамнешната посета на оваа држава од премиерот Зоран Заев.

Граѓаните, наведува ВМРО-ДПМНЕ, се уште не знаат што Заев договарал и што ветил.

Опозициската партија го критикува Заев дека не ги осудил изјавите оти потпишувањето на договорот за добрососедство ќе значи крај за македонизмот.

- Заев од Софија кажа дека ќе има бришење на одредени термини од историјата на Република Македонија, без да каже кој ќе одлучи што ќе се брише. Заев од Софија ја обвини сопствената држава, чиј премиер е, за ширење на национализам и омраза, без да каже кон кого тоа и кога Република Македонија ширела национализам. Додека Заев ја обвинуваше Република Македонија за национализам, не одвои време за осуда на изјавите на Божидар Димитров кој е радосен на фактот што Заев кажал дека Македонците и Бугарите се ист народ, за кого македонскиот јазик е бугарски дијалект, а потпишувањето на договорот за добрососедство ќе значи крај за македонизмот, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ прашува „што знае Димитров, а македонските граѓани не знаат и на што се согласил Заев за Димитров да биде цврсто убеден дека неговото исполнување ќе значи крај за македонизмот?“

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека е за градење добрососедски односи, со сите наши соседи, базирани на взаемно почитување, но, како што соопштува, никогаш нема да се согласи на нешто што е во спротивност со македонските државни и национални интереси.