Македонија
7. May 2017 - 15:05

ВМРО-ДПМНЕ: Заев најави реизбор на судии за да ги покрие штетите на државните и националните интереси

ВМРО-ДПМНЕ смета дека лидерот на СДСМ Зоран Заев со најавите за реизбор на судии „сака да ги покрие отстапките на штета на државните и национални интереси кои ја редефинираат Република Македонија“. Дарко Костовски на прес-конференција рече дека „СДС еднаш веќе го имаше унакажено и целосно партизирано судството со реизбор на 600 судии кои ги имаа поминато нивните партиски филтри“.

- Судството тогаш го допре дното. Сега Заев сака да го реализира истото сценарио само за да се спаси од одговорност за криминалиите коишто ги правел. Заев мисли дека доколку во судовите постави партиски послушници, тие ќе го амнестираат исто како што Црвенковски го аболицираше за криминалот во „Глобал“ тежок осум милиони евра, или како што Катица Јанева го спаси од одговорност во случајот „Пуч“... Целата јавност го виде како бесрамно бара поткуп по едно евро од квадрат кои треба да се уплатат кај Вицето. Целата јавност знае за криминалиите во „Цареви кули“ и исплатите кон „Струмица гас“. Делата против државата и уставното уредување кои тој и криминогеното раководство на СДС во континуитет ги прават не застаруваат, рече Костовски. 

Тој го повтори ставот на својата партија дека, како што рече, спротивно на волјата на народот и на Уставот, Деловникот и законите на Република Македонија, СДСМ ја спроведува тиранската платформа и дека реализацијата почнала со тоа што дозволиле албанското знаме да влезе во кабинетот на Претседателот на Собранието.