Македонија
25. јуни 2017 - 10:38

ВМРО-ДПМНЕ: Заев крие од граѓаните што договарал во Софија

ВМРО-ДПМНЕ во соопштение денеска наведува дека петти ден како Заев молчи и крие од граѓаните што договарал во Софија.

- Заев во предизборниот период ветуваше јавни дебати за секое позначајно прашање, како граѓаните би кажале што и како мислат, за сега да склучува меѓународни договори од витално значење за државата без за тоа да ги праша граѓаните и да објави што и како договорил, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Заев од Софија кажа дека ќе се бришат делови од учебниците по историја, без притоа да каже кој ќе одлучи што да се брише и оти Заев порача дека завршува времето на национализам и омраза, директно обвинувајќи ја Република Македонија, без притоа да каже кон кого ширела нашата држава национализам и омраза.

- Додека Заев не пропушта прилика да удри по сопствената држава, молчи и одобрува националистички изјави на луѓе од регионот. Димитров јавно кажа дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, на што Заев не најде причина да реагира, исто како што не реагираше на изјавата на сопартиецот на Каракачанов дека Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, туку иста историја, наведуваат во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Заев молчи на сите напади врз Република Македонија иако како премиер е должен да ја брани Република Македонија и да работи во нејзин интерес.

Посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е за градење на добрососедски односи базирани на взаемно почитување и оти поддржат се што е во насока на подобрување на односите со соседите, но ништо што е во спротивност со интересите на македонскиот народ и држава.

- Граѓаните од Заев не очекуваат разградување на националното ткиво, туку од него очекуваат да се зафати со работа и исполнување на ветеното. Граѓаните очекуваат 16.000 денари минимална плата и 30.000 денари просечна плата, нови 500 километри автопат, 550 километри магистрални и регионални патишта, додека лекарите очекуваат 100.000 денари плата, која Заев им ја вети, истакнуваат во соопштението.