Македонија
13. March 2017 - 15:55

ВМРО-ДПМНЕ: Заев ја отвори пандорината кутија за редефинирање на земјава

Со одбивањето да ја отфрли тиранската платформа Зоран Заев ја отвори пандорината кутија за редефинирање на Република Македонија, а со отпочнувањето на преговори и со својот позитивен став кон неа остави можности поединци или групи се поотворено да го негираат македонскиот идентитет и да испраќаат закани, искажувајќи територијални претензии, смета ВМРО-ДПМНЕ.

- Албанската пратеничка Месила Дода е последна во низата кои отворено застанаа против македонските национални интереси. Таа му порача на Заев дека доколку се повлече од тиранската платформа треба да се соберат сеалбанските политички сили за да се помогнат да се одржал референдум за Илирида. Тоа е цената на игрите на Заев со тиранската платформа која е спротивна на највисоките државни и национални интереси, рече Лилјана Затуроска на денешната партиска прес-конференција.

Таа посочи дека ваквите срамни и недолични изјави се производ на уцените на кои, како што рече, потклекна Заев само од страв дека тој и криминалното раководство на СДСМ ќе треба да одговараат за кривичните дела што ги сториле.

- Пазарењето со националните интереси е најнизок и најсрамен чин. Зоран Заев мора да собере храброст, да го послуша народот и да ги отфрли уцените. Не може трите потписи на Зијадин Села да бидат поважни од македонскиот идентитет. Срамно е да се соработува со некој кој во лице те негира и ти кажува дека пред 100 години не си ни постоел. Затоа ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ да се откаже од тиранската платформа и реализација на елементите кои што се содржани во неа. Доколку го сторат тоа ќе му дадеме поддршка на Заев да формира влада, потенцира Затуроска.

Второто решение за излез од кризата, додаде, се предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

- Доколку СДСМ и Зоран Заев се убедени дека Тиранската платформа е добра за иднината на Република Македонија, тогаш треба да ја понудат пред граѓаните и граѓаните своето мислење да го искажат на избори, прецизира Затуроска.