Бизнис
1. July 2017 - 16:34

ВМРО-ДПМНЕ: Заев да се откаже од намерата да ангажира странец за директор на ЕЛЕМ

Македонија стана тема за потсмев во Србија поради катастрофалните кадровски одлуки кои ги носи Зоран Заев, обвини денеска Орце Ѓеорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ поради, како што велат од опозицската партија, планот на Владата да го именува поранешниот директор на Електропривреда Србија за директор на ЕЛЕМ.

Повикувајќи се на информации од српските медиуми од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека е недозволиво  човек кој е сменет од раководството на ЕПС заради спорна набавка на луксузни возила да добие ангажман во Македонија.

Од опозицијата предупредуваат дека еден погрешен кадровски избор како што е Обрадовиќ може да ја урниса најголемата државна фирма ЕЛЕМ која има капитално значење зa Македонија и македонската економија. Тие бараат Заев да се откаже од намерата да ангажира странец од типот на Обрадовиќ, бидејќи, според нив, тоа ќе ја доведе во ситуација Македонија да биде тема за потсмев во регионот.