Македонија
17. March 2017 - 10:48

ВМРО-ДПМНЕ: Заев да се огради и да ја отфрли тиранската платформа

Зоран Заев не собра храброст да се огради и да ја отфрли тиранската платформа и отиде до таа крајност велејќи дека ќе дебатираат по прашања кои се од национален и државен интерес консултирајќи партиски експерти од потписниците на платформата, на ВМРО-ДПМНЕ.

- Питер Ванхауте, откривајќи ги намерите на Заев, отвори дебата за федерализација на Република Македонија. За оваа скандалозна изјава на Ванхауте, СДСМ молчи, како што молчи и за шокантните изјави на албанската пратеничка Месила Дота, која директно се закани дека ако тој отстапи од платформата, тогаш сите Албанци ќе се ангажираат околу остварување на сонот за Илирида. Молчат и кога Зијадин Села го негираше македонскиот идентитет, велејќи дека пред 100 години Македонци не постоеле на овие простори. Молчат и за скандалозната изјава на Трифун Костовски во која јасно и гласно вели да им се одземе правото на Македонците по потекло од Егејска Македонија да го кажат сопственото мислење и да се борат во заштита на највисоките државни и национални интереси, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Загриженоста и револтот на граѓаните, како што стои во соопштението, е се поголем и затоа Заев треба што е можно поскоро да ја отфрли тиранската платформа и да се откаже од реализација на елементите содржани во неа.

ВМРО-ДПМНЕ го охрабрува Заев уште еднаш да се откаже од уцената.

- Зоран Заев нека се откаже јасно и гласно од тиранската платформа, а ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за малцинска влада. Втората опција која му стои на располагање е да прифати нови парламентарни избори заедно со локалните каде граѓаните ќе може демократски да изберат програма, платформа, вклучително и онаа од Тирана, доколку во неа верува Заев, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.