Македонија
22. јуни 2017 - 22:44

ВМРО-ДПМНЕ: Владините реклами на Си-Ен-Ен и ББЦ донесоа голем бенефит за државата

ВМРО-ДПМНЕ во пишана реакција на одлуката за прекинување на владините реклами на Си-Ен-Ен и ББЦ наведува дека Владата предводена од СДСМ со тоа покажала дека не е реформска, туку антиреформска и оти единствените проекти на Владата биле укинувањата, блокирањата и најавите за уривање.

Според ВМРО-ДПМНЕ, емитувањето на Владини реклами на еминентните светски телевизии ЦНН и ББЦ, донеле голем бенефит за државата.

- Владиното рекламирање во овие реномирани медиумски куќи позитивно ја презентираше Република Македонија и ги запозна мегународните инвеститори со бизнис можностите кои ги нуди Република Македонија. Владиното рекламирање во овие еминетни медиуми го зголеми и бројот на странски туристи во Република Македонија, па така од некогашните 442.845 ноќевања во 2006 година, во 2015 бројката на странски туристи кои оствариле ноќевање во Републука Македонија изнесува 1.036.383.

Емитувањето на Владините реклами и промоцијата на Република Македонија, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, одеше под уставното име на државата промовирајќи ги највисоките национални интереси. Со укинувањето на рекламите, како што се наведува, СДС го тргнува и промовирањето на името Македонија од светските медиуми во позитивен контекст.

- Наместо антиреформи граѓаните од СДС очекуваат минимална плата од 16.000 денари, просечна плата од 30.000 денари, а лекарите очекуваат плата од 100.000 денари, граѓаните ги чекаат и новите 500 километри автопат кои СДС им ги вети, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.