Македонија
23. January 2022 - 8:23

ВМРО-ДПМНЕ утре ќе го достави до Собранието предлогот за укинување на техничката влада, власта останува на ставот дека предвремени избори нема да има

ВМРО-ДПМНЕ останува на барањето за предвремени парламентарни избори најбрзо што може, наспроти ставот на власта дека ќе се оди на редовни избори во 2024 и оти предвремени сега во услови на здравствена, економска и енергетска криза се неполезни. Опозициската партија најави и доставување до Собранието на предлот за укинување на техничката влада и ја повика власта да го поддржи заедно со барањето за предвремени избори.

Предложените измени на Законот за Влада од опозициската партија најавуваат дека ќе ги поднесат утре, дека предвидува бришење на околу девет точки од законот, со што практично техничката влада би заминала во историја, но и дека измените одат со барање за предвремени избори.

-Најавивме дека ќе поднесеме предлог закон, за предвремените парламентарни избори, кои што по секоја цена ќе се случат, без разлика што и да си замислуваат таму во СДСМ, народот повеќе не ги сака. Во тој предлог закон кој што ќе го предложиме, а го најави и претседателот Мицкоски ќе има бришење на некаде околу 9 точки од Законот кои што се однесуваат на техничката влада која што имавме прилика да ја видиме на кој принцип функционира изминатите години пред избори. По однос на тоа прашање последиците кои што ќе произлезат од тој предлог закон ќе биде враќање на моделот на функционирање на парламентарни избори или предвремени парламентарни избори пред 2016-та година и доколку сметаат дека се толку сигурни во победата еве може да го прифатат и изгласаат, изјави вчера на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска, пак, вчера истакна дека ставот на СДСМ околу изборите е навистина јасен и досега повеќе пати искажан –  нема време за парламентарни избори во услови на глобални кризи.

-Важно е да се напомене дека парламентарното мнозинство е стабилно и тоа се покажа и при изборот на владата и сметаме дека конечно по 15 години една влада треба да го издржи мандатот од четири години, потенцира Кузевска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски завчера во интервју за Сител изјави дека според него има десетици причини за предвремени парламентарни избори.

– Резултатите на последните локални избори, во првиот и во вториот круг, мерењето на јавното мислење претходно, имаше вест во која јавноста кажува што очекува, повеќе од две третини од граѓаните се за тоа дека треба нова влада бидејќи оваа Влада ја води Македонија  во погрешна насока, рече Мицкоски.

Тој истакна дека досега не разговарал со премиерот Димитар Ковачевски и додаде дека се уште очекува покана од него за средба. Вели не ја условил таа средба, туку само кажал што очекува, односно, како што рече, дека меѓу другото ќе разговараат и за предвремени парламенатарни избори.

Концептот техничка влада предвидува соработка меѓу власта и опозицијата во периодот до спроведување на изборите, имајќи предвид дека одлуките усогласено треба да ги носат и министерот и заменикот во ресорите, каде и власта и опозицијата имаат свои претставници. Решението за техничка Влада првично беше применето по кризата која настана, откако Зоран Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори. Од 2016 година досега Северна Македонија имаше две технички влади, првата предводена од Емил Димитриев, втората од Оливер Спасовски.

Согласно сегашното законско решение техничкиот премиер го предлага партијата на власт, најголемата опозициска партија ги предлага министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика. Власта има свои заменици во МВР и МТСП, додека опозицијата има свои заменици во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сепак политичките чинители во земјава и од власта и од опозицијата изминативе години го отворија прашањето дали на земјава воопшто и треба ваква влада пред избори, при што преовладува ставот дека треба да се отвори дебата и да се преобмисли ова решение.