Македонија
24. јуни 2018 - 17:14

ВМРО-ДПМНЕ: Тоа што Грција не успеа во 100 години, го постигна со договорот

Потпишаниот договор со Грција ја брише македонската нација, нејзината историја и се атакува на културното наследство, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека со документот Македонија се обврзува да ги избрише историските македонски имиња и топоними, а  во иднина да ги употребува грчките називи.

ВМРО ДПМНЕ потсетува на ставовите на пратеникот Ферид Мухиќ од пратеничката група на СДСМ, според кој договорот е најирационалниот и најбесмислениот со кој се брише историјата на еден народ.

Денеска, пак пратеникот Павле Богоевски му реплицирашена Мухиќ. За порталот ТВ Нова тој посочува дека овој договр значи зацрстување на македонскиот идентитет.

„Во меѓународното право се вели дека повеќе не можеме да говориме за „апсолутен суверенитет на државите“ како што некогаш се говорело за старите држави. Затоа, не можеме да говориме ниту за „победа“ и „пораз“. Самата природа на договарањето значи да дадеш нешто, за да добиеш нешто друго, што ти го сметаш за повредно од даденото“, пишува Богоевски.

Според него договорот бил единствениот пат за државата да влезе во Нато и Европската унија. За Богоевски извесно е дека земјата сега ќе добие покана за членство во северноатланската алијанса, и почеток на преговори за ЕУ.

„Ние не можевме ниту да започнеме преговори за нашето членство без да го решиме проблемот со „добрососедските односи“, т.е. со името. Затоа, технологијата на „морковот и стапот“ се реалност во меѓународните односи од која нема бегање, без разлика дали нашиот личен морал и его би биле позадоволни ако воопшто не влегуваме во игра чии правила не сме ги напишале самите ние или ако има можност исходот да не е најповолен за нас“, вели пратеникот Богоевски.

Тој додава дека со договорот не се бришат македонската нација и идентитет, напротив припадноста Македонец и македонски јазик се заштитени категории.