Македонија
24. јуни 2016 - 16:33

ВМРО-ДПМНЕ: Струмица плаќа поскап превоз од Токио

Ако Битола плаќала превоз поскап од Токио, тогаш дали Струмица плаќала дупло поскап превоз за ученици од Токио, праша пратеникот Васил Пишев на денешната прес конференција. Тој повторно го повика специјалното јавно обвинителство  да го провери сомнежот за како што вели огромниот криминал со превозот во општина Струмица. И денеска презентираше неколку примери  кои покажувале дека Струмица плаќа двојно поскап превоз од Битола, а прес конференцијата ја започна со исечок од прес конференција  на специјалното јавно обвинителство.

-Аналогно на зборовите на специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кои произлегоа од очигледната  политичка хајка против Владе Талевски дека Битола плаќала превоз поскап од Токио, тогаш врз основа на факти и докази можеме да заклучиме дека општина Струмица и единствениот актуелно помилуван политичар Зоран Заев плаќале дупло поскап превоз за ученици од едно Токио. Ова е доволна причина Фатиме Фетаи, но и целиот тим на Катица Јанева да се откажат од политички хајки во Битола и да се насочат во Струмица, односно во општината во која превозот на ученици се плаќа дупло поскапо од едно Токио, рече Васил Пишев – пратеник во собранието на РМ.

Пишев вели дека за разлика од  СДСМ и нивните инструменти тој постојано говорел со факти и докази и така ќе продолжел.

- За релацијата  Радовиш – Калугерица – Струмица во должина од 34 километри општина Струмица плаќа неверојатни 230 денари по ученик,  а за исто толку долга релација од Битола до Бучин општина Битола плаќа само 94 денари или скоро 2 ипол пати помалку од општина Струмица и Зоран  Заев, додаде Пишев.

Пратеникот Пишев презентираше и примери кои според него покажуват дека општина Струмица за двојно пократка релација плаќала двојно повеќе споредено со Битола. Таков бил примерот за релацијата Новаа Маала – Добрашинци – Струмица долга 15 километри за која општина Струмица плаќала 105 денари по ученик, додека Битола за скоро дупло подолга релација од Битола до Подино плаќала повеќе од двојно пониска цена по ученик или 49 денари.

Пишев рече дека исполнети биле сите услови целото СЈО да може да види како општина Струмица плаќала дупло поскап превоз од едно Токио и затоа ги повика да влезат во општина Струмица заедно со сите други институции и да го разрешат основаниот сомнеж за тежок криминал со дупло поскап превоз.