Македонија
21. September 2021 - 16:48

ВМРО-ДПМНЕ со докази најавува кривична за тендерот на водовод, директорот Весковски најавува контра кривична пријава

Кривични пријави ќе си разменат ВМРО ДПМНЕ и директорот на Водовод за тендерот за  улица Варшавска. Опозициската партија пред неколку дена обелодени дека Водовод реализирале реконструкција на улицата без тендерска постапка а за тоа објавија документи. Дека тендерот бил наместен за да работи фирма која е блиска на СДСМ, од опозицијата  и денеска презентираа документи за кои велат се докази за кривичната пријава која ќе ја поднесат. Од ВМРО ДПМНЕ тврдат доколку не се работело предвреме тогаш зошто бил правен надзор на изградбата и биле водени градежни дневници во текот на летото ако тендерот е спроведен наесен. Кривичната пријава со целата документација која ја поседуваат ќе ја поднесат утре во Јавното обвинителство.

„Јасно пишува на извештајот дека инвеститор е ЈП Водовод и канализација, а изведувач е КОДИНГ. На истиот документ јасно пишува од страна на надзорот, дека на 12-ти август изведувач е КОДИНГ и веќе на тој истиот датум е стигнато и изведено до точка 18 согласно планот за активности. Она што е уште поголем доказ дека фирмата работи без тендер е тоа што јасно надзорот посочува, потенцира и пишува дека нема договор со изведувачот. Надзорот исто така наведува дека на 20-ти август водоводот се завршува и потоа отпочнала со реконструкција  на канализационата мрежа. Ова е прилично сериозен доказ, кој што верувам дека ќе се обидат да го објаснат и институциите, но и ЈП Водовод.  Уште еден доказ дека без тендер е работено на ул. „Варшавска“, реконструкцијата на водоводната мрежа е покренатата дисциплинска постапка против работници кои се фатени на 20-ти август како не се на своето работно место, односно истите се седнати во кафеана“, рече Димса Аросовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Вескоски тврди дека документите на опозицијата не се однесуваат на оваа постапка и хронолошки  презентираше како законски е спроведена јавната набавка. На обвинувањата од ВМРО ДПМНЕ кои  со фотографии посочија  дека  летото имало градежни активности на овој потег, тој тврди дека се работи за зафати на приватна фирма која градела зграда на таа улица а не за активности на водовод.

Директорот на Водовод тврди дека се работи за група манипулација на ВМРО ДПМНЕ за да го дискредитираат политички и поради тоа уште денеска ќе поднесе кривична пријава за лажно пријавување.