Македонија
18. October 2021 - 16:43

ВМРО-ДПМНЕ слави, СДСМ најавува победа во вториот круг

Народот победи, победи Македонија, а промените во Македонија се неминовни. Ова е коментарот од ВМРО-ДПМНЕ за вчерашните изборни резултати. Велат дека победата е нивна бидејќи разликата во гласовите за градоначалници, но и за советници со СДСМ надминува 50 илјади. Очекуваат соработка со други партии за вториот круг за целосна победа.

И социјалдемократите се задоволни од вчерашниот ден. Велат поддршката од стотици илјади гласови е сериозна.

„Пред нас е сериозна борба. СДСМ и коалицијата влегуваат во вториот круг во вкупно 36 општини, плус Градот Скопје, СДСМ и коалицијата во вториот круг победуваат во најголем дел од општините и Град Скопје. Коалицијата на партиите кои ја сочинуваат централната власт, а тоа е владината коалиција составена од СДСМ, ДУИ, ЛДП, ДОМ, БЕСА, ДПА, Бошњачкиот сојуз и другите партии, оваа коалиција на прогресот и напредокот се обединува и влегува во борба за мнозинства во најголем број од советите на општините низ државата“, коментираат од СДСМ ден по изборите.

И двајцата кандидати за Скопје кои влегуваат во вториот круг ги следат партиските пораки.

На победа во вториот круг се надеваат и Стевче Јакимовски од ГРОМ за Карпош и Максим Димитриевски во Куманово, иако настапуваа самостојно од базата.