Македонија
22. May 2017 - 18:54

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО работи како подружница на СДСМ

Од денес до крајот на мандатот на СЈО ќе гледаме дека оваа институција работи како партиска подружница на СДС. Главната задача на СЈО е да „штанца“ нарачани обвиненија против политички неистомисленици од ВМРО-ДПМНЕ за да му помогне на Заев да спроведува нарачани платформи со создавање коалиција со партии кои ја поддржале платформата од Тирана.

Ова е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по денешните три нови случаи што ги обелодени СЈО, а ја изнесоа на заедничка прес-конференција генералниот секретар на партијата Емил Димитриев, членовите на Извршниот комитет Антонијо Милошоски и Никола Попоски.

- Обидот на СДС и нивната партиска испостава СЈО без докази, без факти и без аргументи да изврши компромитација и оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ е многу опасен и погрешен пат. Целта е да се скрши ВМРО-ДПМНЕ, единствената политичка сила која се грижи и која ги брани националните, државните и граѓанските интереси, со цел да се скрши Македонија. Јасно и гласно со чест и со достоинство порачуваме дека ова нема да помине, истакна Димитриев. 

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која дејствувала, дејствува и ќе продолжи да дејствува врз основа на закон и само врз основа на закон, а сите обиди и политички памфлети чија цел е да се претстави некакво нејзино наводно незаконско работење, на раководството или членовите, се неточни.

- Финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ е реализирано согласно закон, а сиот имот на партијата е законски стекнат и без разлика дали е во целост оспособен за партиско функционирање како што е отприлика 95 отсто од просторот или е во тек постапка за негово оспособувањекако што имаме 4-5 ситуации. Истиот тој простор се користи за потребите за функционирањето за партијата и само за функционирањето на партијата. Имотот на ВМРО-ДПМНЕ се користи за извршување на партиските функции, рече Димитриев. 

Според него, СДСМ не може и не смее да биде во привилегирана позиција и да има простор за функционирање кој му оставен од поранешната комунистичка партија, а ВМРО-ДПМНЕ да нема простор. 

За имотот и недвижностите на ВМРО-ДПМНЕ преточени, како што рече Милошоски, во партиските општински комитети, однесувањето на СДСМ преку институции кои се под нивна контрола не е новина. 

- Ќе потсетам дека во 2002 година Уставниот суд имаше одлука токму под иницијатива на СДС да се забрани политичките партии да купуваат или да продаваат имот во моменти кога тогашното ВМРО-ДПМНЕ имаше одреден имот купен од сопствени донации. Испаѓа дека СЈО се грижи за имотот, донациите само на ВМРО-ДПМНЕ, а заштитени бели мечки во државата се партии како СДС, ДУИ, БЕСА и другите политички партии кои што формираат коалиција за поддршка на платформата од Тирана, укажа Милошоски.

И според ова се гледа, заклучи, дека СЈО е само политичка продолжена рака на СДСМ - Очекуваме притисокот последниот период да продолжи на истиот начин, но како партија сме единствени и подготвени да дејствуваме на соодветен начин против ваквите притисоци, нагласи Милошоски. 

Од пресот на СЈО, оцени, се забележуваат две цели. Првата е најава за притисок врз судството, а втората, преку таквиот притисок да се издејствуваат судски пресуди кои се веќе дел од некој политички или коалиционен договор.

- Однесувањето на СЈО е на штета на интересот на граѓаните на Македонија, но во корист на Заев, за да се дефокусира јавноста од главниот проблем - правењето коалиција со партија која е поразена на изборите и правење коалиција на штета на интересите на Република Македонија. Наместо да се разговара за таа суштинска тема и плаќањето многу висока и скапа цена за интересите на Македонија, со цел Заев од аболициран за криминал да стане претседател на владата на Република Македонија, СЈО ќе нарачува обвиненија и ќе поднесува обвиненија за да го отргнува вниманието на македонската јавност. Тоа ќе биде улогата на СЈО денес и тоа ќе биде улогата на СЈО во следните месец дена, нагласи Милошоски.

Во врска со Сопот, укажа, договорот е преку судски пресуди издејстувани со политички притисок да се ослободат обвинетите зашто веќе има пресуда дека не извршиле некакво убиство или друго незаконско дејствие, а со тоа ќе се отвори врата за спроведување на другите договорени политички пресуди кои се однесуваат на случајот мнонструм и убиените малолетници за време на велигденските празници и случајот Диво насеље и поврзани со терористичката група која што дејствуваше во Куманово.

- Сите овие пресуди се дел од политичкиот пазар меѓу  Зоран Заев и партнерите кои дадоа поддршка за платформата од Тирана. Најверојатно, на крајот, Заев очекува со ваквото дефокусирање на јавноста преку СЈО да се стигне и до ослободителна пресуда за случајот Поткуп каде што е инволвиран лично тој и целата Македонска јавност имаше можност да види за каков случај се работи, подвлече Милошоски. 

Попоски се осврна на случајот „Траекторија“ кој, рече, е уште еден политички предмет базиран на измислени тврдења и воедно доказ дека СЈО е извршител на Зоран Заев и СДСМ. 

- Првата инсинуација со која се обидува да се креира случај е дека наводно била предизвикана материјална штета од 155 милиони евра. Штета не постои, целта на ваквата комуникација е да се привлече вниманието на јавноста. Се работи за капитален проект од кој имаат корист сите граѓани на Република Македонија. Втората инсинуација е дека не бил применет законот за Јавни набавки, а третата дека се преговарало со само една компанија и не била избрана најниската понуда, посочи Попоски.

Тој потсети дека Собранието во 2013 година донесе Закон за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци - Штип и патната делница Кичево - Охрид, врз основа на Законот за ратификација на Договорот за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата меѓу владите на Македонија и Кина. Овој Закон, за реализација на конкретниот проект како посебен, ја исклучува, рече, примената на Законот за јавни набавки. За овој Закон, потенцира, расправаа и гласаа и пратеници на СДС и пратениците на ДУИ.

Отфрлајќи ги како неточни тврдењата на СЈО дека се преговарало со само една компанија и дека не била избрана најниската понуда, Попоски рече дека се склучени меморандуми со две компании: China International Water and Electric Corpоration (CWE) и Sinohydro Corporation Limited. Двете компании доставиле свои понуди и во 2013-та година е одбрана најниската понуда.