Македонија
9. February 2017 - 16:59

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО прави нарачана политичка хајка

ВМРО-ДПМНЕ во реакција на соопштението на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) посочува дека го разбира и поддржува револтот на охриѓани против, како што стои во соопштението, политичката хајка која по нарачка ја спроведува селективното јавно обвинителство.

Од партијата потсетуваат дека правото на протест е загарантирано со Уставот на Република Македонија, кој во членот 21 вели дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест, а како што наведуваат, заканите од страна СЈО упатени по одржаниот протест се уште еден чин кој се коси со највисокиот правен акт. 

- СЈО е срам за правосудниот систем. Повикувањето на околу 200 лица само заради тоа што се членови на една политичка партија не е ништо друго туку дискриминација по политичка и идеолошка основа, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

СЈО, според нив, аболицира криминалци како Заев и Верушевски, а им се заканува на чесни луѓе чиј единствен грев е нивната политичко-идеолошка определба и тоа што одлучиле да донираат за сопствената партија.

- СЈО мора да почне да работи законски. Наместо да продолжува со заканите кон граѓаните, СЈО мора да истражи кој ја нарушува тајноста на истражната и предистражната постапка, постојано лиферувајќи информации по порталите под контрола на СДСМ/Сорос во врска со лицата кои се покануваат на распит. Ваквото непрофесионално и незаконско делување на СЈО не е ново. За нелегалните методи по кои работат, изнудите и заканите веќе се поднесени десетици кривични пријави против одговорните во СЈО. ВМРО-ДПМНЕ не е против СЈО, туку против селективното, непрофесионално и политичко делување на СЈО, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.