Македонија
28. July 2017 - 11:09

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО е нетранспарентно и неотчетно

ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе има ревидирање на, како што велат, целиот политички прогон што го прават СЈО и СДСМ и правно и историски и потенцира дека граѓаните кај СЈО не гледаат способност и објективност, туку непотизам, неспособност и целосна партиска инструираност.

- СЈО продолжува да работи под диктат и да ја копира матичната партија СДС кога се работи за неодговорноста, нетранспарентност и кадровската непотистичко партиска политика. СЈО потроши 4 милиони евра народни пари за да работи на политички прогон на функционери од ВМРО-ДПМНЕ и да вдоми партиски војници од СДС, деца на партиски функционери, внуци и роднини. Сега без срам отвораат нов оглас со кој ќе ангажираат за огромни хонорари и плати повторно уште некој внук или ќерка, шарен револуционер или твитер лик, рече Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ во денешната изјава дадена пред СЈО.

Иако се фалат, нагласи, со транспарентност тие се во суштина нетранспарентни и неотчетни затоа што не се потрудија да дадат одговор на јавноста за сериозните основи на сомнение дека и со овој оглас „повторно ќе вработат роднини, внуци, партиски активисти, комичари, твитерџии или пак новинари“.

- Јасно е дека овие 30 новоангажирани партиски војници од СДС ќе продолжат со хајката во која немаат ниту еден правен аргумент, туку само директива да ја дефокусираат јавноста од погрешните политики, од продавањето на државните и национални интереси, од погрешните и штетни политики. Ниту 300 нови вработувања во СЈО нема да може да им помогнат да направат едно издржано обвинение од проста причина што немаат правни аргументи, а уште помалку правна основа за тоа, посочи Стојаноски.