Македонија
18. January 2017 - 17:19

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО целосно се делегитимираше

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е партиски огранок на СДСМ и Сорос и оти Катица Јанева не е обвинител кој работи независно и согласно закон, туку по наредбите на Зоран Заев и нарачателите од странство.

- Ова се факти кои досега им беа познати на сите. Од денеска Катица Јанева влегува во нова улога. Таа и СЈО почнуваат да го бранат и прикриваат криминалот. Со денешната одлука да го повлече обвинението за предметот „Пуч“ Јанева застана зад обвинетите Заев и Верушевски кои се обидоа да ја заобиколат волјата на народот и без избори, со уцени со незаконски стекнати и монтирани материјали, да се дограбат до власт, рече Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната партиска прес-конференција.

Тој нагласи дека Јанева го игнорираше и признанието на еден од обвинетите кој го опиша, како што рече, злосторничкото здружение на Верушевски и Заев и веќе ја издржува затворската казна.

- Катица Јанева ја игнорираше и скајп комуникацијата меѓу обвинетите во која што најавуваа крв по улиците и украинско сценарио, а со денешната одлука потврди дека основната задача на СЈО не е расчистување на скандалот со незаконското прислушување, туку вклучување во политичката битка, рече Вељаноски.

Посочи дека основната задача на СЈО беше да ги расчисти кривичните дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и нагласи дека со денешната одлука СЈО целосно се делегитимираше и самото се откажа од основната функција за која што е формирано.

- Веќе немаме никакви дилеми дека СЈО е партиски огранок на СДСМ и дека не постои никаква натамошна причина за негово постоење во правниот систем. Од денеска Зоран Заев е криминалец кој е аболициран по втор пат. Јанева го заштити Заев од криминална одговорност за случајот „Пуч“, но доаѓа денот кога тој ќе мора да се соочи со правдата, истакна Вељаноски и додаде дека Заев, како и сите граѓани мора да одговара пред надлежните органи.

Прецизира дека народот на 11 декември одлучи дека е време да се стави крај на кризата и ја порази деструктивната политика на Зоран Заев. 

- Вообичаено, Јанева срамните одлуки ги носи пред празник, надевајќи се дека празниците ќе го покријат нејзиното партиско и политичко постапување. Истото го направи во декември 2014 година, кога го ослободи од притвор Зоран Верушевски. Истото го направи и денеска, ден пред православниот празник Водици, посочи Вељаноски.