Македонија
23. јуни 2018 - 10:02

ВМРО-ДПМНЕ: Штетниот договор за името Заев сака да го покрие со продолжување на политичкиот терор

Зоран Заев срамниот и штетен договор за името сака да го покрие со продолжување на политичкиот терор. Теророт и политичките хајки имаат за задача да донесат страв и да ја дефокусираат трговијата со државните и национални интереси. Македонија е држава каде премиерот додека прифаќа и договара промена на име и идентитет, пратеници од опозицијата се обвинуваат за тероризам, познати уметници, актер, оперски пејач се прикажуваат за терористи. Правосудството уште еднаш покажа дека е алатка на власта. Одлуката на Кривичниот совет при Кривичниот суд за прифаќање на обвинителниот акт, не е базирана на правна аргументација, туку на политичка присила.
 
Обвинението против десетината патриоти е еден од многуте процеси со политичка заднина и една од причините поради кои видни земји членки на ЕУ во нон пејперот јасно укажуваат дека во Република Македонија има партизирано судство.
 
Партизираното судство е главната одлика на заробената држава. Картелот на власт на чело со Коте Заев го користи партизираното судство за пресметка и заплашување на неговите политички неистомисленици и против секој еден граѓанин кој сака да се спротивстави на антидржавните политики на оваа влада.
 
Обвиненијата за тероризам на пратеници и уметници е политичка нарачка на Коте Заев за внесување страв и дефокусирање од промената на името.
 
Политичкиот прогон е видлив уште од самиот почеток на процесот, кога спротивно на сите правни процедури беа лишени од слобода, факт кој беше констатиран и од Народниот Правобранител и Комесарот за човекови права на Советот на Европа.
 
Република Македонија ги живее најцрните денови на правосудството од 1949 година навака.
 
Правосудството мора да стане елемент за заштита на граѓаните, а не алатка во рацете на власта. Република Македонија мора да стане правна држава. Коте Заев и СДСМ мора да си заминат од власт, за Македонија да победи.
 
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ