Македонија
22. April 2018 - 9:48

ВМРО-ДПМНЕ: Семејствата на жртвите од масакрот кај Смилковското езеро заслужуваат правда, Заев ги излажа семејствата на убиените

Семејствата на жртвите од масакрот кај Смилковското езеро заслужуваат правда. Заев во повеќе наврати ја најавуваше „вистината“ за случајот „Монструм“. Тврдеше дека има докази, односно телефонски разговори и смс пораки кои ќе фрлеле ново светло на случајот. Обвинетите ги прогласуваше за невини, а на роднините на егзекутираните момчиња им посочувал разговори на функционери од ДУИ кои тогаш беа дел од власта со обвинетите. Сега обвинетите се на слобода, а Заев ги убедува ожалостените семејства дека разговорите кои ги слушал биле за субвенции.

Мизерно!

Заев ги излажа семејствата на убиените како и целата македонска јавност, а од неговата „вистина“ не остана ништо. Тој на срамен и подмолен начин ја искористи оваа трагедија за собирање на политички поени, а откако седна во премиерската фотелја единственото нешто што се промени е тоа што обвинетите се најдоа на слобода. Заев наместо правда спроведува туѓи платформи.

Заев мора да се тргне од патот на правдата. Кого штити Заев и кого тој покрива со прикривањето на доказите за Смилковското езеро?

Реализацијата на Тиранската платформа не смее да биде поголем приоритет од правдата за семејствата на егзекутираните момчиња. Очајнички се обидите да се дефокусира јавноста од лицемерието, лагите и манипулациите на Заев со политички монтирани случаи против неистомислениците. 

Патриотите кои први застанаа против Тиранската платформа и Зоран Заев се во притвор поради љубовта кон татковината. Тие се во притвор поради борбата против антидржавните политики на Зоран Заев. Интелектуалците, глумците, уметниците кои несебично застанаа во одбрана на државата мора да бидат ослободени. Додека вистински терористи се на слобода, патриотите се во притвор.

Обвинителството наместо да ги гони вистинските терористи и да го разреши случајот „Монструм“ го губи времето со монтирани случаи по нарачка на Заев. Судот мора да се ослободи од стегите на власта, а судиите да најдат доблест наместо политика да спроведуваат правда.

Во вакви услови на заробена држава и судство сервилно кон СДСМ и Зоран Заев, овој случај нема да добие судска разрешница ниту пак ќе биде задоволена правдата. Правдата ќе биде задоволена само кога Заев ќе си замине од власт.