Македонија
25. јуни 2018 - 11:12

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се откажа од сопствениот народ

СДСМ се откажа од сопствениот народ. За само една година владата на СДСМ на чело со Зоран Коте Заев ја брише вековната македонска историја, но и ја загрозува иднината на цела една нација. Со само еден потпис владата на СДСМ се откажа од се што е македонско. Заев се откажа од македонското име, идентитет и јазик за кои се колнеше во своите предци, но и деца дека ќе останат непроменети, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Македонската жица на Заев очигледно била направена од свила, ако воопшто некогаш постоела, бидејќи тој потпиша досега невидена капитулација на еден народ во светската историја. Кога договорот ќе стапи во сила македонските историски учебници ако тогаш воопшто можеме така да ги нарекуваме ќе ги пишува и рецензира Грција. Македонците повеќе нема да учат македонска туку историја одобрена од грчки комисии. Ваквиот капитулантски договор под покровителство на Заев и Димитров атакува на македонското културно наследство, државност и суверенитет, прикажувајќи ја Македонија како целосно нова вештачки измислена творба. Иако тоа не беше дел од преговорите, сега по волја на Коте Заев, од македонската меморија ќе треба да се избришат Солун, Кукуш, Лерин. Тие ќе исчезнат од македонските учебници, македонските патокази и од сите документи, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека Македонија ќе биде обврзана да ги користи грчките топоними, кои насилно биле наметнати.

-Откажувањето од географските поими значи бришење на дел од културата и историјата на еден народ. Македонија ќе биде единствена која се откажува од своите егзоними. Солун ќе остане Солун и за Србија и за Бугарија, но Македонците ќе мора да го викаат Тесалоники. Кукуш, родниот град на македонскиот великан Гоце Делчев, за учениците од Северна Македонија ќе биде Килкис. Воден – Едеса. Кутлеш – станува Вергина! Костур – Касториа! Сер – Серес! Со овој договор се врши бришење на културното наследство на Македонија што е нераскинлив дел од нашиот идентитет. Заев очајнички се обидува да ги исполни концесиите на сите страни, па дури и по цена на бришење на сопствениот народ. Македонските национални и државни интереси Коте Заев ги стави на продажба. Коте Заев помогна во остварувањето на вековниот сон на Грција, а тоа е бришењето на македонската нација.        Коте Заев се обидува да го скрши македонскиот непокор. Многумина пробале, но не успеале, а нема да успее ниту Зоран Заев. Народот си ја сака Македонија повеќе отколку што потомците на Коте од Руља може да претпостават. Љубовта на народот кон Македонија ќе ги порази антидржавните политики на Коте Заев, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.