Македонија
16. February 2018 - 10:45

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема никаков План, туку законски измени од кои ќар ќе имаат неколку фирми

Граѓаните немаат никаква корист од лагите и празните ветувања на СДСМ. За 8 месеци владеење со државата СДСМ успеа да ја задолжи државата за цела милијарда евра, а притоа има отворено нула инвестиции и нула нови работни места.

Фактите говорат дека компанијата „Костал“ е веќе постоечки капацитет кој работи и извезува од своите погони во Охрид. Компаниите „Мурат вајаринг систем“, „Чагатај“ и „ВИК“, своите одлуки за инвестиции ги донесоа во време на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека четири од компаниите кои ги прикажуваат дека ќе инвестираат или се веќе присутни во Македонија или чекаа со месеци Владата на Заев и на Анѓушев да дадат согласност. Штетата за жал од ваквото политикантство на СДСМ ја трпеа не само инвеститорите, туку и потенцијалните вработени.

На народот му е кристално јасно дека СДСМ нема никаков План, туку се работи само за Законски измени од кои ќар ќе имаат 4 или 5 фирми, меѓу кои и тие на Кочо Анѓушев, а за сите останати тој ќе делува дестимулирачки. Тој дури и ќе делува контрапродуктивно врз домашните фирми, односно ќе создаде нелојална конкуренција за домашното стопанство.

Погубните економски политики на СДСМ допрва уште посилно ќе се чувствуваат. Граѓаните гледаат дека од ден на ден осиромашуваат, затоа што растат цените и инфлаторната спирала е засилена, а од друга страна платите и пензиите стагнираат. Ако на ова се додаде затворањето на фирми и отпуштањето на работници, прашање на време е кога повторно ќе се вратат времињата на транзицијата кога малкумина блиски до СДСМ се богатеа, а народот тонеше во немаштија и бесперспективност.