Македонија
26. January 2017 - 15:22

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не направи ништо за проблемот со загадувањето

СДСМ да знаеја да го решаваат проблемот со квалитетот на воздухот тоа ќе го направеа во општините каде што се на власт, во Струмица и Куманово. Лицемерно е да говорат за воздухот во Скопје, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната прес-конференција на потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ кога имале можност нешто да инвестираат за Скопје не направиле ништо.

- СДСМ не набави ниту еден автобус и тогаш по скопските улици се возеа автобуси постари од 25 години кои го загадуваа воздухот. Денес се набавени 300 автобуси за Јавното сообраќајно претпријатие и граѓаните на Град Скопје се возат во нови, модерни, современи и удобни автобуси. СДСМ не направи ниту еден булевар во Скопје, а денес се изградени или реконструирани булеварите „Илинден“, „Теодосиј Гологанов“, „Климент Охридски“, „Борис Трајковски“ и неколку кружни текови со што значително се подобри протокот на сообраќајот во градот, се вели во реакцијата и се додава дека СДСМ не засадиле ниту едно дрво, а во изминатиот период биле засадија над 50.000 дрвја.

Квалитетот на воздухот во Скопје, стои во реакцијата, бара системско решение, а не од ракав истресени памфлети какви што лиферува СДСМ со цел да сее магла, да ја труе јавноста и да шири манипулации и лаги.