Македонија
20. јуни 2017 - 12:18

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја претвора државата во алатка на партијата

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение обвини дека СДСМ ја претвора државата во алатка на партијата, иако најавувала департизација и деполитизација. 

Осврнувајќи се на назначувањето на Оливер Спасовски за потпретседател на СДСМ, кој во моментот ја врши и функцијата министер за внатрешни работи, ВМРО-ДПМНЕ во соопштението наведува дека СДСМ додека била во опозиција го проблематизирала тоа што Гордана Јанкуловска истовремено била министер за внатрешни работи и партиски функционер, а сега го прави истото.  

- Оливер Спасовски наместо да се повлече од партиските функции и да ја одвои партијата од МВР, како што СДС ветуваше пред избори, тој сега е унапреден во потпретседател на СДС, се вели во соопштението и се додава дека преклопувањето на партијата со Министерството за внатрешни работи е дел од стратегијата да се стават под своја капа органите на прогонот и правосудниот систем.

Според ВМРО-ДПМНЕ, со ова лидерот на СДСМ сака да се спаси себе си од кривично гонење и процесуирање на кривичните дела против него.