Македонија
22. July 2018 - 18:16

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Филипче се обидуваат да го оправдаат криминалот

Срамно и тажно е да се гледа како СДСМ и министерот Венко Филипче се обидуваат да го оправдаат криминалот и милионскиот скандал во здравството.

Денешните бледи и неиздржани манипулации на Филипче не може да му помогнат да ја избегне одговорноста за општиот грабеж во здравството.

Никој не му верува на Филипче дека не знаел која е единствената фирма што учествувала на тендерот, ниту пак убеди некого дека не знаел дека таа се формирала четири месеци пред тој да и доделува 35 милиони евра.

Министерот Венко Филипче мора веднаш да се повлече од функцијата и да дозволи независна истрага околу скандалот со кој што 35 милиони евра, пари на граѓаните треба да завршат во фирма формирана пред четири месеци која ја раководат млади лица, тотално анонимни во проблематиката.

Јавното обвинителство уште утре треба да отвори истрага и да ги провери сите сомнежи за најголемиот скандал во македонското здравство кои деновиве кружат во јавноста.

Граѓаните очекуваат одговор зошто во тендерската документација се наведува името на производителот на апаратите и реагенсите кои се набавуваат?

Зошто се спречува набавка од друг производител и дали некој извлекол лична корист и колкава е таа за да распише ваква набавка?

Зошто никој не конкурира освен фирмата која е основана пред четири месеци, токму во време на одвивање на техничкиот дијалог? Дали е случајно тоа што седиштето на фирмата е регистрирано на иста адреса како и канцеларијата на Филип Медарски, адвокат на премиерот Зоран Заев? Дали имало закани и од кого кон останатите компании кои долго време се во овој бизнис? Кое е бизнис искуството на двете момчиња и кој стои зад нив, односно зад првата посериозна бизнис зделка која ја имаат во животот а тежи 35 милиони евра?

Очигледно дека на власта најмалку и е важно здравјето на граѓаните, а важно им е бизнисот да врви и да се богатат сомнителни фирми и поединци. Да им беше битен здравствениот систем, овој проект досега ќе беше стопиран.

Дека овој проект е штетен и за буџетот и за граѓаните и за пациентите говори фактот што со него се ускратува можноста биохемиска анализа да се направи во поголемиот број на лаборатории низ Македонија и оваа услуга се централизира во само неколку градови. Патем во помалите здравствени домови со овој проект се ограничува можноста за итни испитувања на итните случаи, а хуманиот биолошки материјал ќе треба да се транспортира и по стотици километри со сиот ризик да биде контаминиран или оштетен.

Сите факти говорат дека ова е штетен проект по здравјето и животот на граѓаните, кој е истовремено и значително поскап од претходниот систем на децентрализирани лаборатории.

Идејата на Заев и Филипче ќе чини дополнителни средства за транспорт на хуманиот биолошки материјал, ќе ги покачи цените на чинење на биохемиските реагенси за 2-3 пати од 368 милиони денари претходно на 803 милиони денари сега, имунолошките реагенси за повеќе од половина од 692 милиони денари претходно на 940 милиони денари сега, а хематолошките реагенси за дури 4 пати од 50 милиони денари претходно на 208 милиони денари сега.

Ова е удар по буџетот и здравствените услуги за граѓаните.

Ова јасно покажува дека промената од децентрализиран систем во централизиран наместо поевтинување на трошоците ќе донесе неколку кратното покачување. Но по се изгледа на никој во власта око не му трепнува за здравствениот систем и пациентите кога мора да протуркаат сомнителен тендер од 35 милиони евра за да добие само една човек-фирма.

За ова некој мора да сноси одговорност, а пред се министерот Филипче. Тој треба прво да ја раскине оваа штетна јавна набавка, а потоа и да се откаже од својата нерационална идеја против која не е само ВМРО-ДПМНЕ, туку и експертите и јавноста, а пред се пациентите.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ