Македонија
27. May 2016 - 14:16

ВМРО-ДПМНЕ против импичмент на претседателот Иванов

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ќе гласа против постапката за утврдување одговорност за претседателот Ѓорге Иванов заради тоа што цени дека со неговите одлуки го нема прекршено Уставот на Република Македонија, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Димовски побара од иницијаторите да го повлечат предлогот бидејќи нема уставна подлога за изгласување, а поради противењето на ВМРО-ДПМНЕ јасно е дека нема да помине во Собранието на Република Македонија.

- Најавите се дека оваа Влада која што сега ја раководи државата ќе има широка и сериозна реформска агенда во насока на исполнување на приоритетите коишто ги има државата, треба за тоа да дискутираме, за економијата, за последиците од политичката криза визави економијата, да видиме што можеме да подобриме, а е во директен интерес на граѓаните на РМ, а не на политичките партии, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Цениме, потенцира Димовски, дека оваа постапка за утврдување одговорност на претседателот Иванов е во исклучително погрешно време заради тоа што, како што рече, живееме во привидна пауза на мигрантската криза, а токму институцијата Претседател беше институцијата која што успешно се справуваше со мигрантската криза.

- Без разлика дали нас ни се допаѓа или не неговата одлука или на која било пратеничка група, а кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со одлуката за аболиција, сепак, како Собрание на Република Македонија имаме одговорност да одлучуваме врз база на Уставот на државата кој му дава право на претседателот да носи и такви одлуки, рече Димовски.

Иако информиравме дека сме против таа аболиција, нагласи, веруваме дека претседателот Иванов имал причини коишто не можеме или треба или не траба да ги знаеме врз база на коишто ги донел своите одлуки.

Димовски потсети дека зад претседателот Иванов на последните избори застанаа 550.000 граѓаните на Република Македонија како бројка што не е да се занемари како легитимитет и легалитет е најголема бројка што некој претседател на државата во овие 25 години ја добил како поддршка за негов избор, а во континуиран пораст, посочи, е поддршката на сите истражувања на јавното мислење.

На новинарско прашање дали Илија Димовски лично смета дека претседателот Иванов не го прекршил членот 9 од Уставот, тој одговори дека цени и мисли оти одлуката на Иванов не била потребна во тој момент.

- Дали имал причини претседателот Иванов кои јас ги знам или не или можам да ги знам или воопшто не смеам да ги знам, е  друга работа. Судење на претседателот Иванов за одлука која што има право да ја донесе врз база на Уставот на РМ е неприфатливо во овој момент. Претседателот Иванов во многу свои активности исклучително позитивно постапува раководејќи ја Република Македонија. Претседателот Иванов има политики и постапки коишто значат и сериозно зачувување на државните и националните интереси на РМ, истакна Илија Димовски.

Тој потсети дека Собранието на РМ на двапати како институција гласаше амнестија, исто така со конкретни имиња на луѓе и конкретни дела за коишто се прави амнестија.

- Јас лично не мислам дека таа одлука беше потребна, не мислам дека треба да се поставуваат работите како политичарите се заштитени, а обичниот народ не е заштитен. Јас сум многу против тоа и ако се добива таков впечаток треба да упатиме јасна порака дека тоа не смее да биде така. Секој за кого ќе се појави реален сомнеж треба во нормална судска постапка да се докаже дали е виновен или не, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.