Македонија
2. September 2017 - 13:36

ВМРО-ДПМНЕ: Проектот за изградба на новиот клинички центар блокиран

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека новата Влада на СДСМ продолжува со политиката на блокирање, уривање и укинување на проектите кои владата на ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува, ги заврши или почна да ги реализира во предходниот мандат. 

- Наместо да почне изградбата на новиот клинички центар „Мајка Тереза“ за кој беше и потпишан и договор за почеток на изградба со градежните компании, СДС и Заев измислувајќи разни изговори, решија овој капитален проект од витално значење за државата, да го блокираат и замрзнат, изјави денеска во кругот на Клиничкиот центар, Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Посочи дека директно се блокира изградбата на капитален проект во македонското здравство со кој требаше да се подобри здравствената услуга, да се обезбедат подобри услови за работа на медицинскиот персонал и да се подобрат капацитетите на целокупниот здравствен систем во државата.

Според неа, министерот за здравство Арбен Таравари целата своја енергија ја троши на поставување на тријазични табли, но не и на конкретни проекти во здравството.

- Проектот за изградба на новиот клинички центар „Мајка Тереза“ финансиски беше подржан од Европската инвестициска банка при Советот на Европа и изготвен во соработка со меѓународните консултантски тимови од експерти од Шпанија, Германија и Грција. Секој обид на СДС да манипулира и да ја замајува јавноста за овој проект е оспорување на долгогодишна работа со нашите меѓународни партнери, додаде Стојаноска.