Македонија
7. April 2017 - 17:39

ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека СДСМ подготвува Пуч, СДСМ очекува брз избор на влада

Со грубо газење на демократијата, Уставот и собранискиот Деловник, СДСМ бега од дебата за постизборната политичка измама што ја направи со прифаќање на Тиранската платформа. Од  ВМРО-ДПМНЕ попладнево обвинуваат за смислено сценарио со кое СДСМ сака да ја спречи дебата во Собранието и да ги замолчи нивните пратеници.

  „ Деловникот за работа на Собранието е многу јасен и прецизен.

          Согласно член 80, став 2 на Деловникот претресот трае додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор. Ова не може да биде прекршено под ниту едни услови. Ова не смее да биде прекршено поради нечија политичка желба или намера на било кој пратеник. СДС не сака во Собранието да се дискутира за намерите за воведување двојазичност, промена на банкнотите или униформите. Не сакаат да се дискутира за обврската која што ја преземале за промена на знамето, грбот и химната.Не сакаат да се дискутира за намерата да донесат декларација за геноцид врз Албанците.Не сакаат да се дискутира ниту за навредите и негирањето на македонскиот идентитет или водењето на државата кон федерализација и бинационалност“.

Од партијата предупредуваат дека секој обид за внесување насилство во Собранието ќе заврши неуспешно.

Ние упатуваме апел никој да не се обидува да применува ниту политичко, ниту ефективно насилство во работата на Собранието на Република Македонија, да се смири нервозата и да дозволи процедурите да си течат така како што досега секогаш во согласност со Деловникот на Собранието на Република Македонија течеле

На слично сценарио преку facebook статус предупредува и пратеникот Антонио Милошоски.

Целта на СЈО/СДСМ за “новата реформска влада” е пред Велигден, неделовнички/насилен избор на претседател на Собранието, а до јуни да се покренат уште дваесетина неосновани обвиненија против истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ кои ги разобличуваат штетните политики на Заев

-До крајот на годината да има референдум за името по грчки терк и под прогон и приведувања од СЈО-МВР-СДСМ ќе бидат и политичари и медиуми/новинари кои имаат потенцијал да се спротивстават на тој план. Новиот претседател на Собранието ќе има задача да оневозможи референдум или да го штелува референдумското прашање.
– До крајот на годината треба да помине Законот за двојазичност на цела Македонија и редефинирањето на државата според платформата од Тирана и предмет на прогон и подолг притвор ќе бидат предводниците кои ќе се обидат да го попречат планот; притисокот ќе вклучува и објава на монтирани приватни снимки за деградација и оцрнување на личностите. “Двојазична” Македонија нема да има основа да бара опстојување на македонски/Macedonian за јазикот и идентитетот во решавањето на спорот со Грција.
– До крајот на годината ќе треба Заев и СЈО да најдат “независни судии” кои ќе потпишат ослободителни пресуди за обвинетите во “Монструм” и “Диво Насеље”, а за возврат Заев да биде ослободен од вина во предметот “Поткуп”, но нема да ви помине, порачува Милошоски на социјалните мрежи.

Од СДСМ и натаму остануваат на ставот дека ВМРО-ДПМНЕ ги блокира демократските процеси и работата на Собранието.

10-то продолжение на конститутивната седница на Собранието е заканажана за во понеделник.