Македонија
5. May 2021 - 16:48

ВМРО-ДПМНЕ предлага изградба на Клинички кај градската болница, СДСМ ги обвинува за блокада

Продолжува блокадата на опозицијата за носење на важни закони меѓу кои е и изградбата на нов клинички центар, обвинуваат од СДСМ. Од партијата на власт велат дека и по еден месец од средбата на Заев и Мицковски нема гласање во Собранието на неопходните законски решенија. Пратеникот Коциќ вели дека иако народните избраници од ВМРО-ДПМНЕ имаат понуда тие да го водат проектот со кој за прв пат по 80 години македонското здравство ќе добие ваков модерен објект, сепак нема поддршка во собраниската сала. 

Да се кочи реализација на најкапиталниот проект во македонското здравство значи да се работи директно на штета на граѓаните и државата и тоа во време кога се уште се опоравуваме од последиците од пандемијата на коронавирусот. Не постои друга причина за вакво деструктивно однесување на ВМРО-ДПМНЕ насочено против јавното здравство. Она што Мицкоски го нарекува  „Непостоечки проект“ всушност е тоа што Физибилити студијата направена заедно со помош на австриската Влада која е договорена на ниво на Влади на Република Северна Македонија и Австрија, во форма на стручна бесплатна помош за развој и унапредување на здравствениот систем во нашата држава.

Таа Физибилити студија е одобрена од Националната Агенција на Австрија, вели Ненад Коциќ пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. 

Од најголемата опозициска партија, пак, и порачаа на власта прво да изработи соодветен проект за Нов Клинички а потоа да бара поддршка за закон за заем од 503 милиони евра. За ВМРО-ДПМНЕ е срамно власта да се крие зад пандемијата бидејќи предложената физибилити студија е од јуни 2019 година и нема допирна точка со ковид состојбата. Велат дека уште пред еден месец Мицкоски на средбата со Заев понудил конструктивно решение. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на последната средба со Зоран Заев даде конструктивно предлог решение кое ќе значи комплетно реновирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кое би чинело околу 100 милиони евра како и изградба на Ургентен Клинички центар кој би бил наспроти приватната болница „Жан Митрев“ и со кој би се поврзале Поликлиниката „Букурешт“ и ГОБ „8ми Септември“ и исто така изградба на уште три Универзитетски клинички болници во Тетово, Штип и Битола кои би чинеле по десетина милиони евра, вели Дафина Стојановска, пратеник ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека постоечката физибилити студија е на само 40 страници, а во прддложената цена од 500 милиони евра не е опфатена надворешната инфраструктура со патишта, електрична енергија и водовод а не биле решени и имотно правните односи.

И додека власта и опозицијата се обвинуваат, реалноста покажува дека и по 12 години откако беше најавена изградба на нов клинички центар и променети три локации, се уште не се удрени темели.