Македонија
7. јуни 2016 - 17:57

ВМРО-ДПМНЕ: Пред да биде дел од Владата, СДСМ да потврди дека ИС е прочистен

Избори се прифатливи во секој термин, но ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи државата и граѓаните повторно да бидат заложници на ново лицитирање со термини, како што тоа беше случај со 24 април и со 5 јуни, истакна денеска на прес-конференција Никола Попоски, член на ИК и министер за внатрешни работи.

Попоски ги изнесе ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во врска со условите на СДСМ за излез од кризата соопштени денеска на прес-конференција од лидерот Зоран Заев.

- За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо СДСМ да биде повторно дел од Владата, во насока на подготовка на фер, слободни и демократски избори. Сепак, премногу пати во минатото беше погазен дадениот збор, така што овој пат ќе мора да покажат дека се сериозни во врска со одржувањето на изборите и дека тоа навистина го посакуваат, рече Попоски.

Во оваа насока, истакна тој, меѓу гаранциите кои ќе треба да ги понуди СДСМ е потврда дека Избирачкиот список е прочистен и дека во периодот кој следи посветено ќе работат на подигање на довербата во ИС, за кој, како што нагласи, не беше спорен за ВМРО - ДПМНЕ.

- Дури откако ќе биде исполнет овој основен услов, како и останатите услови поврзани со одржувањето на изборите, односно откако СДСМ ќе констатира дека се исполнети условите за одржување на фер, слободни и демократски избори, подготвени сме да разговараме околу желбата да се биде дел од Владата, истакна Попоски.

Во однос на останатите услови кои ги побара лидерот на СДСМ, ставот на ВМРО ДПМНЕ е јасен.

- Секој има право да го изнесе својот став или видување на мирен и демократски начин. Ние тоа право секогаш ќе го штитиме. Но да нема никакви дилеми - Законите треба да важат подеднакво за сите, вклучувајќи ги и оние кои оштетуваат одбележја, палат или вандализираат институции, воедно нанесувајќи огромна материјална штета. Секој што уништувал јавен имот, треба да одговара за несоодветни постапки, потенцираше Попоски.

Според него, охрабрувачки е фактот дека СДСМ конечно е свесен дека деструктивна политика наидува на се поголема осуда од граѓаните.

- Останува очигледно дека партијата сеуште нема покажано капацитет да излезе од агонијата и конечно да почне со конструктивна политика, во интерес на сите граѓани, како и впечатокот дека се работи за единствената опозициска партија која бега од избори, кои меѓудругото сама ги побарала. А воедно бегството од избори го прославува исто како изборна победа. Тоа е класично одбегнување од соочувањето со граѓаните, рече Попоски.

https://

.be