Македонија
3. September 2017 - 16:26

ВМРО-ДПМНЕ: Пратениците на СДСМ работат во политички маркетинг

Парламентарно мнозинство предводено од СДСМ го користи Собранието на Република Македонија единствено за политички маркетинг во пресрет на локалните избори, а не за решавање на реалните проблеми на граѓаните, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на барањата на пратеничката група на СДСМ партијата да ги поддржи законските решенија на Владата што се во собраниска процедура.

- СДСМ треба да разбере дека пратениците во Собранието на Република Македонија се избрани да работат во интерес на граѓаните, а не во интерес на партијата, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека доколку Владата на СДСМ и нивното парламентарно мнозинство навистина се грижело за  унапредување на квалитетот на животот на граѓаните, ќе  ги прифатело предлог-законите кои ВМРО-ДПМНЕ ги поднела, како и амандманите кои што произлегуваат како барање на граѓаните, а не едногласно да ги одбие.

- Ако СДСМ и Зоран Заев навистина  се грижеа за  вработените, ќе им обезбедеа минимална плата од 16 000 денари, онака како што ветуваа пред изборите. Поради неспособноста и лагите  на СДСМ, со  поплитки џебови, ќе останат сите граѓани. Државната администрација нема да ги добие ветените 5 проценти покачување на плата, ниту пак пензионерите ќе добијат 5 проценти, покачување на пензиите, се вели во реакцијата.

Во неа се додава и дека наместо повеќе пари  во семејните буџети, како што ветуваа имаме пад на просечната плата за 0,7 проценти, пад на странските директни инвестиции за 100 милиони евра и пад на индустриското производство за 2,2 проценти.