Македонија
9. April 2017 - 14:49

ВМРО-ДПМНЕ: Полицијата и јавниот обвинител да преземат мерки против Максим Димитриевски

Драган Петковски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција истакна дека полицијата и јавниот обвинител мора веднаш да преземат мерки против пратеникот Максим Димитриевски. 

- Насилникот може да продолжи да напаѓа и физички да се пресметува со сите кои не размислуваат како него. Неколку дена претходно и претседателот на општинската организација на СДС во Куманово нападна и повреди граѓанин кој учествуваше на мирен и достоинствен протест „За заедничка Македонија“, чиј единствен грев беше тоа што си ја сака татковината и не дозволува криминалците да ја раскрчмуваат и да реализираат тирански платформи, рече Петковски. 

Пратеникот Максим Димитриевски, како што нагласи, мора да одговара поради тоа што му скрши два заба на момче кое нарачало патриотска песна. 

- Димитриевски нападна момче само затоа што пеело македонска народна песна. Наместо да се извини пред целата јавност и покрај кривичната, да понесе морална одговорност како сериозен политичар, како маж, тој дрско и безобразно се обидува преку соросовите медиуми да ја манипулира јавноста тврдејќи дека момчето само се повредило и си ги скршило забите, а шестмина полицајци што го нападнале со пиштоли не успеале ниту да го изгребат, потенцира Петковски. 

Според него, насилството е единствениот аргумент кој СДС го користи во одбрана на намерата да ја спроведе тиранската платформа. Криминалците од СДС, како што рече, се уценети и ако не ја реализираат тиранската платформа ќе заглават по затвори.