Македонија
31. October 2016 - 16:48

ВМРО-ДПМНЕ: И.С. покажа дека нема фантоми - СДСМ: фантомите беа реалност

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија две години ја држи земјата во заложништво измислувајќи причини да избега од изборно соочување, вели членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров. Според него тоа е поради фактот што Заев знае дека на изборите ќе биде катастрофално поразен и ќе значат крај на кризата. Тодоров вели дека во тоа не им помогнало ниту лагите и манипулациите со избирачкиот список.

- Раководството на СДСМ измисли дека на списокот имало 450.000 фантоми, па измислија дека имало 300.000 фантоми. Од ден во ден лицитираа со различни бројки, со нови бројки за на крај да дојдат до измислени 150.000 фантоми со кои наводно се обидуваа да го оправдаат поразот на изборите во 2014-та година. После почнаа да вршат дополнителни притисоци со нови лаги дека немало повеќе од 1,5 милиони гласачи. Сите се сеќаваме на тоа. Тоа се јавни искажани зборови од раководството на СДСМ, вклучително и највисокото раководство. Срамно и потценувачки кон сите граѓани на Република Македонија, изјави Никола Тодоров – Член на Извршен Комитет на ВМРО - ДПМНЕ.

Од друга страна СДСМ останува на ставот дека фантомски гласачи постојат за што се согласиле и членовите на ДИК.

- Над 170.000 наши граѓани со истите анализи којшто едногласно ги усвои ДИК и членовите на ДПМНЕ, се покажа дека овие луѓе живаеат надвор од Македонија. И доаѓаме до она што цело време го збориме дека во Македонија во моментов има едвај над 1.500.000 гласачи во државата, изјави Дамјан Манчевски – СДСМ.

И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на претстојните предвремени парламентарни избори ќе ја добијат поддршката од граѓаните.