Македонија
15. March 2021 - 16:59

ВМРО-ДПМНЕ поднесе претставка за набавката на кинески вакцини, Филипче бара извинување

Пратеникот Лефков од ВМРО ДПМНЕ до Антикорупциска ги достави документите со кои тврди дека министерството за здравство требало да набави 200.000 кинески вакцини по 62,5 долари за доза. Миле Лефков побара Комисијата за спречување корупција да отвори случај за министерот Филипче и да испитаат зошто набавката на вакцините одела преку фантом фирма од Хонг Конг , регистрирана  3 месеци по доаѓањето на СДСМ на власт во 2017-та и зошто државата планирала да плати двојно поскапо од Унгарија која истата вакцина ја купила за 30 долари.

- Ова се документите од кои се гледа дека Филипче ја овластил фирмата, а ова е неговиот потпис. Ова се документите од кои се гледа дека истата на сметка во Дојче банк има гаранција од 12.5 милиони евра. А ова се и документите од Централниот регистар на Хонг Конг од кои се гледа дека фирмата е формирана само три месеци по формирањето на владата на Зоран Заев., изјави пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Миле Лефков.

Вчера министерот за здравство најави дека ќе го тужи пратеникот на ВМРО ДПМНЕ за навреда и клевета, денеска пак од Кабинетот на Филипче одговорија дека прво ќе побарале јавно извинување од Лефков.

-Министерот за здравство д-р Венко Филипче согласно Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета од Миле Лефков пратеник на ВМРО ДПМНЕ ќе побара јавно извинување, а потоа како што најави до ОСС2 ќе поднесена тужба против Лефков. Министерството за здравство досега во повеќе наврати ја информираше јавноста дека опозициската партија ВМРО ДПМНЕ пласира лажни информации во јавноста во врска со набавката на вакцини од кинескиот производител Синофарм, стои во одговорот од министерството.

Набавката на 200.000 вакцини од Синофарм беше стопирана откако Кина го врати авансот и побара друг начин на договарање, а не преку посредници. Дали и кога ќе стигнат овие вакцини во Македонија засега нема конкретна информација од министерството за здравство.