Македонија
30. April 2019 - 16:10

ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави за членовите на избирачки одбор во Зајас

Цел избирачки одбор на едно гласачко место во Зајас да одговара кривично за полнење на кутии побара денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека нивната кривична пријава веќе е поднесена до Јавното обвинителство.

Од опозицијата потсетуваат дека исти кривични пријави поднеле и за брзото гласање на референдумот, кога на одредени гласачки места, еден гласач своето право го остваруваше за помалку 3 секунди. Од таму порачуваат дека молкот на јавното обвинтелство нема да ги спаси сторителите на вакви кривични дела бидејќи како што велат, тие не застаруваат, потенцирајќи дека за нив ќе има одговорност тогаш кога ќе се врати правдата во Македонија.
Неправилности на гласачкото место во Зајас утврди и Државната изборна комисија. По пребројувањето на гласачките ливчиња, членовите на ДИК утврдиле дека во гласачката кутија има 4 ливчиња вишок по што гласањето беше поништено а целиот избирачки одбор разрешен без при тоа од него да се бара кривична одговорност.
Вишок гласачки ливчиња на изборите минатиот викенд ДИК утврди во уште 6 избирачки места каде гласањето исто така беше поништено.