Македонија
11. May 2021 - 12:32

ВМРО-ДПМНЕ: Партиски членови на СДСМ во Штип се вакцинираат преку ред

Начинот на спроведување на масовната имунизација во Штип ги скара власта и опозицијата. Од ОК на ВМРО ДПМНЕ обвинија дека локалната самоуправа и градоначалникот ја злоупотребуваа положбата и дозволуваат преку ред да се вакцинираат партиски членови на СДСМ.

Кој одобри приоритетна листа од блиски на градоначалникот, за сметка на хронично болните, таксистите, продавачите во маркетите, вработените во текстилната и кожарската индустрија? Дали се вистинити гласините дека со тајна дојава се вакцинираат оние кои поседуваат партиска книшка од СДСМ, додека оние кои секојдневно се на удар на вирусот се маргинализирани и препуштени на истиот/- прашува ДУШКО ИВАНОВ, ОК НА ВМРО ДПМНЕ – ШТИП

За цело време на пресот на ВМРО пред вакциналниот пункт, беше присутен и градоначалникот Сашко Николов, кој истакна дека сите оние граѓани кои се пријавиле преку „Мој термин“ имаат приоритет, но во првите денови само 20% од нив се појавиле за вакцинација.

Затоа во петокот кога се создаде еден гап во „Мој термин“ ги пропуштивме буквално сите што чекаа пред пунктот за вакцинација. Истото тоа тече и денеска, со што успеавме од Министерството за здравство да добиеме можност да бидат вакцинирани сите оние граѓани кои што се од 60 години па нагоре- изјави САШКО НИКОЛОВ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ШТИП

Во првите 5 дена од почетокот на масовната вакцинација во Штип, имунизирани се над 6000 граѓани, а пристигнаа и нови 5000 вакцини од кинеската „Синофарм“.