Македонија
17. September 2016 - 16:44

ВМРО-ДПМНЕ: Осуда на физичките и вербални напади врз новинари кои не им се допаѓаат на СДСМ и Јанева

ВМРО – ДПМНЕ упати најостра осуда за физичките и вербалните напади врз новинарите од Република и Сител, од страна на СДСМ и Катица Јанева. Ваквата реакција доаѓа откако членови на СДСМ вчера нападнале екипа на неделникот Република, за време на вршење на професионална задача. Претходно, и експертот на СЈО Александар Тортевски со недолични зборови го навреди новинарот на Сител Љупчо Златев.

Инцидентот во кој вчера пред седиштето на СДСМ беше нападната новинарската екипа на Република, беше осуден и од МАН.

- Сметаме дека случајот е особено тежок доколку се има предвид моменталната институционална позиционираноста на Генералниот секретар на СДСМ во Министерството за внатрешни работи, кое е надлежно да реагира во вакви случаи на попречување на новинарите во вршењето на нивната работа. Дополнителна тежина на случајот фрла и тоа што не се работи за прв случај лица поврзани со СДСМ да нападнат новинари, како и изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека дел од медиумите ги смета за свои непријатели, стои во реакцијата на МАН.

Вчера порталот Република напиша дека непознати лица излегле од зградата на СДСМ и прво вербално ја нападнале новинарската екипа, а потоа се обиделе да му го одземат фотоапаратот на фотографот. Откако не успеале во намерата, насилниците му го одзеле телефонот. По извесно време еден од насилниците го фрлил телефонот во дворот. Екипата во моментот на инцидентот работела на сторијата за српските советници на Заев познати како сејачи на скапа магла, кои се редовни гости во штабот на „Бихаќка“.

Во меѓувреме, новинарите на Република кои беа нападнати пред седиштето на СДСМ, вршејќи си ја својата професионална работа поднесоа пријави за нападот во полициската станица “БЕКО”.