Македонија
24. August 2017 - 15:09

ВМРО-ДПМНЕ: Одговорност мора да има за случајот со трите новороденчиња

Родителите на трите бебиња кои починаа на Клиниката за гинекологија и акушерство се гневни и бараат одговорност, истакна денеска на прес-конференција Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ. 

Министерот за здравство и директорката на гинекологија, посочи таа, одлучија да го скријат скандалот и објавија за трагедијата дури откако за неа почна да се говори во јавноста, два дена откако се случила. 

- Сите се загрижени што се случува на гинекологија и зошто овие информации се кријат од јавноста. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека СДС со брутална партизација на институциите и со поставувањето на некомпетентни партиски кадри државата ја турка во хаос, рече Андоновска.

Родителите на починатите дечиња, во изјави за медиуми велат дека имало и други случаи на Клиниката, но немаат информации од Министерството за здравство, рече Андоновска и додаде дека одговорност мора да има и ќе има.

- Јавноста е гневна бидејќи гледа дека приоритет за министерот Таравари е да се промовира себеси по социјални мрежи, наместо да се грижи за функционирањето на здравствениот систем. Граѓаните се преплашени, загрижени, стравуваат за своите животи и за животите на своите деца. Здравството е во хаос и ако кај одговорните во овој ресор има грам морал и доблест, ќе си поднесат оставка и ќе си заминат од оваа професија, истакна Андоновска.