Македонија
3. September 2016 - 18:50

ВМРО-ДПМНЕ: Од 2007 досега 2,4 милијрди евра инвестиции во Македонија

Странските директни инвестиции во земјата кумулативно, за периодот од 2007 до јуни 2016 година, достигнаа 2,4 милијарди евра. Во анализираниот период, во земјата свои инвестиции остварија или остваруваат над 50 поголеми странски компании, кои придонесоа за директно отворање на над 16.000 нови работни места и за индиректно вработување на голем број други лица, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на СДСМ дека Македонија е земја со најмалку странски инвестиции.

Потврда за тоа што го направила ВМРО-ДПМНЕ во привлекувањето на странски инвестиции во Македонија, сметаат оттаму, доаѓа од високото рангирање од сите реленевтни меѓународни институции,

- Во извештајот Doing Business 2016 на Светска банка, Македонија е рангирана на високото 12 место меѓу 189 земји во светот, 6 место во Европа и прво во регионот на Југоисточна Европа. Ова претставува подобрување од 82 места во однос на 2006 година кога земјата беше рангирана на 94 место. Во Извештајот за глобална конкурентност 2015-2016, Македонија e рангирана на 60 место од 140 земји во светот, што е подобрување за 24 места во однос на извештајот за 2006-2007 година. Heritage Foundation ја рангира Македонија на 47 место во светот според Индексот на економски слободи за 2016 година, што е подобрување за 31 место во споредба со 2006 година кога бевме рангирани на 78 место. Македонија е прворангирана во регионот на Југоисточна Европа. Според најновата ранг-листа на магазинот Форбс за 2015 година, Македонија е рангирана на 39 место меѓу 144 земји за водење бизнис. Во однос на 2007 година забележан е напредок од 43 места, се вели во денешната писмена реакција на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Петре Шилегов од СДСМ.

Растот на економијата, се додава во него, го движат високите капитални инвестиции од буџетот, како и извозот на компаниите кои се директни странски инвеститори во ТИРЗ и индустриските зони.  

За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, сметаат оттаму, единствените инвестиции за кои знае СДСМ се инвестициите „едно евро за Вицето“ и 8 милиони евра од случајот Глобал кои, како што велат, завршиле во џебот Заев, а партијата ќе остане позната по тоа што во периодот кога таа била на власт инвеститорите бегале од Македонија бидејќи им бил баран поткуп, како во случајот со Ауди.