Македонија
18. August 2019 - 17:30

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека во Трнодол сепак ќе се гради зграда со висина од 15 метри

Градоначалникот на Карпош со новиот ДУП сака да овозможи изградба на нова 15 метарска зграда во Трнодол обвинува ВМРО ДПМНЕ. На локација каде има барака се предвидува станбен објект кој според опозицијата треба да го гради фирма блиска до градоначалникот и СДСМ.

„ Дали единствената причина за новиот ДУП е ова барака пред која стоиме и овие две парцели државно земјиште кои ги спојувате само за да уцртате маркица за фирма блиска до Вас и СДС, за истата фирма која гради уште една зграда пред Мајчин Дом во Аеродром исто така спорна за аеродромци. Со новиот ДУП, на местото на оваа трошна барака се предвидува изградба на 13,2 односно 15 метарски висока зграда со 400 м2 деловен и 2000м2 станбен простор, - Тони Јаревски претседател на ОК Карпош ВМРО ДПМНЕ

Од опозицијата потенцираат дека токму на ова место постои ризик од лизгање на земјиштето а новиот ДУП не е на барање на граѓаните. Според нив, новата зграда ќе чини 3 милиони евра бидејќи ќе има од 35 до 50 станови.

Дека земјиштето е трусно реагираа и жителите од овие населби кои се изјаснија дека не сакаат промена на ДУП-от.  Стравуваат дека нивните куќи ќе се излизгаат надолу. Укажаа и на фактот дека до сега во овие населби се граделе објекти со приземје и еден кат. Во населбата Трнодол веќе се појавиле неколку свлечишта. Градоначалникот пред неколку дена за Сител изјави дека нема да донесе ДУП кој е спротивен на интересот на граѓаните и рече дека планот е сега е во почетна фаза и ќе следи јавна расправа.