Македонија
22. May 2023 - 16:33

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Владата троши милиони евра за алкохол и храна

Во најголемата криза кога половина милион граѓани во Македонија дневно живеат со помалку од 150 денари, Владата троши скоро 3 милиони денари за набавка на скапи пијалоци и јадења, обвинуваат од  ВМРО ДПМНЕ и најавија дека наредните денови ќе објават документи како власта се луксузира на сметка на народот.

Од опозициската партија посочуваат дека во време кога нема Трикафта за сите пациенти со цистична фиброза, инсулин за дијабетичарите и терапија за други болни, СОЗР кон крајот на април склучила договор во вредност од близу 50.000 евра со три економски оператори за да испорачуваат вина, виски и други видови пијалоци. 

- Функционерите од СДС и ДУИ ќе имаат можност да пијат високо квалитетно вино, означено како Барик вино со контролирано потекло во пакување од 0.75 литри по цена од 2.293 денари. Додека народот преживува со 150 денари на ден, Ковачевски и неговите министри и директори ќе имаат можност да пијат виски од 1 литар, со минимум 42% алкохол кое чини 2.730 денари.

А, кога ќе сакаат да пијат нешто поскапо, ќе пијат Бурбон виски во шише од 1 литар и со минимум 42% алкохол кое чини 3.413 денари. Додека болните од дијабет чекаат инсулин, функционерите од власта ќе се засладуваат со крем ликер набавен за 2.034 денари, изјави на прес конференција Марија Митева, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

На обвинувањата одговорија од Владата

- Станува збор за склучени годишни рамковни договори кои се прават секоја година. Набавката се прави за сите ресторани кои се под надлежност на Службата за општи и заеднички работи на Владата, а даваат услуги и на Претседателот на држава, претседателот на Собрание и на други државни институции, вклучително и за потребите за странски делегации. Според договорот, сукцесивно се повлекува стоката зависно од потребите, стои во одговорот од прес службата на Владата.