Македонија
23. July 2017 - 16:20

ВМРО - ДПМНЕ обвинува дека СДСМ создава режим во Македонија

Пратеничката и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова денеска на прес-конференција обвини дека жени - раководители на неколку институции во земјата се избркани од работа или пред бркање. 

- Бараме под итно да престане овој прогон на вработените во администрацијата кој го врши СДС. Истовремено бараме сите вработени кои биле неосновано и незаконски избркани од работа да бидат заштитени од страна на Агенцијата за државни службеници, од трудовиот инспекторат, од Комисијата против дискриминација, од судовите. Не смее да молчи и да замижува ниту Народниот правобранител. Негова обврска е да ги брани интересите на граѓаните пред режимот на Заев, рече Рангелова.

Истовремено, како што наведе пратеничката, ВМРО-ДПМНЕ очекува и канцеларијата на Европската Унија да реагира на ваквото однесување на СДСМ и отпуштање на професионалци и на нивно место вработување на, како што посочи Рангелова, партиски војници, разноразни комичари, шарени револуционери, поети, твитер ликови и слично.

Според Рангелова од работа се избркани директорката на Домот за деца без родители 11-ти Октомври Скопје, Ристена Атанасова, која е самохрана мајка, Бранка Шишовска од Берово, директорка на Центарот за социјални работи, која има уште само три години до пензија, Роза Јаневска, директорка на Центарот за социјални работи Неготино, Катерина Матиќ, самохрана мајка, вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство... Од работа ја бркаат и Весела Честоева, раководител на секторот во Археолошкиот музеј, рече Рангелова.  

- Ова се само дел од жените кои изминатиов период го осетија камшикот на режимот на СДС. Десетици жени без никаква основа или аргументација добиваат откази или ги деградираат во институциите каде што работат, рече Рангелова. 

Освен што се жени и мајки, според Рангелова, трагично е што тие се докажани професионалци во својата област и немаат никаква црна дамка во нивните кариери.

- Според информациите кои што ги имаме речиси секој кој се вработил во изминатите 10 години е под силен притисок и закани по неговото работно место, од страна на новите раководители поставени од СДС, рече Рангелова на прес-конференцијата.

 Премиерот Зоран Заев и СДСМ почнаа да ги реализираат ветувањата дека Македонија ќе ја направат партиска држава, а оти тоа ќе го платат граѓаните на Република Македонија со стотици милиони денари од Буџетот, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

- Деца на коалициски партнери на Заев, комедијанти кои глумеле објективни критичари, граѓани кои глумеле независни и невладини корективи на власта - сите денес се вработени во Владата и се платени со стотици милиони денари пари на граѓаните. Без квалификации и без критериум, освен тоа дека одработувале на интересите на Заев и ги манипулирале граѓаните, изјави денеска на прес-конференција Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо 500 евра плата за сите граѓани, додаде, Заев ќе ги плаќа само луѓето на кои им должи услуга и кои со години ги манипулирале граѓаните во негова корист.

- Народот не смее да биде доведен во ситуација со стотици милиони денари народни пари да се плаќаат извршители, војници и послушници на Заев кои се дел од планот државата да се претвори во партија, а партијата во држава, рече Колариќ.

Потенцира дека за само месец и половина, СДСМ започнала да воспоставува режим во Република Македонија, но оти отпорот од народот ќе го почувствува многу брзо.