Македонија
21. January 2022 - 16:36

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ манипулира со партнерите, СДСМ бара консензус за една изборна единица

Не ВМРО-ДПМНЕ туку СДСМ манипулира со своите помали коалициски партнери за една изборна единица и укинување на пржинската влада, велат од опозициската партија откако  пред два дена го дадоа предлогот како подадена рака во име на предвремени избори, но власта се уште конкретно не се изјаснува по него.

„Ние се уште од СДСМ немаме слушнато кој е нивниот став по однос на ова прашање околу Изборниот законик. Од една страна ги манипулираат нивните коалициони партнери и помали партии дека се за предлогот една изборна единица, а од друга страна се согласуваат дека техничката Влада се покажа како неуспешна. А, од трета страна не сакаат да излезат на избори и бегаат од избори, се плашат бидејќи знаат дека ги чека пораз и оставаат да граѓаните да одлучат. Еве уште еднаш јавно прашуваме кој е ставот на СДСМ?“ - кажа Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ се уште на ставот дека предвремени избори нема да има, а прифаќањето на измените на Изборниот законик мора да биде консензуално.

Помалите коалициски партнери во Владата ја поздравија можноста ВМРО-ДПМНЕ да прифати една изборна единица, но тоа не го врзуваат со предвремени избори. Против избори се и од Алтернатива на Гаши иако велат дека треба да се размисли за предлозите за една изборна единица и укинување на техничката влада.

Од ДУИ пак, коментираат дека за нив е прифатливо укинување на пржинската влада, бидејќи со тоа не се загрозува договорот за премиер Албанец 100 дена пред избори. Но, интегративците се против какви било измени на изборните единици без согласност на сите партии.