Македонија
1. March 2018 - 16:46

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека новите членови на Советот на јавни обвинители се функционери на СДСМ

Државниот првобранител Насер Ајдари е избран за нов судија во Уставниот суд, додека адвокатите Ангеле Илиевски и Ангел Солев се новите членови на Советот на јавни обвинители. Ваквата одлука, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, ја донесе без присуство на пратеници од опозициската ВМРО ДПМНЕ и без расправа. Клучен за исполнување на кворумот за гласање беше пратеникот на БЕСА, Фадил Зендели.   

Адвокатот Ангеле Илиевски беше дел од одбраната во предметот “Пуч”, каде за државен удар беше обвинет сегашниот премиер Зоран Заев, додека поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Ангел Солев, во еден мандат бил член на Републичкиот судски совет.

Од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ реагираа дека парламентарниото мнозинство  и Талат Џафери, го користат отсуството на опозицијата во Собранието, за спроведување на партизација во Уставниот суд и во Советот на јавни обвинители.

Изборот на Насер Ајдари, функционер на ДУИ на испразнетото место во Уставниот суд и изборот на Ангел Солев и Ангеле Илиевски кој што според пишувања во медиумите се членови на правниот комиет на СДСМ, претставува класична партизација на овие два органи, велат од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Дирекни обвинувања за постоење непотизам и конфликт на интереси во Сoветот на јавни обвинители пред неколку дена упати и амбасадорот на САД Џес Бејли. Ваквите наводи извесен период ги истражува и државната комисија за спречување корупција.