Македонија
8. јуни 2017 - 15:07

ВМРО-ДПМНЕ: Невистинити тврдењата дека не се работи на автопатот Охрид-Кичево

Невистинити се тврдењата на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев дека не се работи на автопатот Кичево Охрид, како и бројот на автопати кои се градати тоа лесно може да се провери на терен. Тие нема да го подигнат стандардот на граѓаните и нема да го покријат неработењето на антиреформската влада, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

- Се градат три автопати и ниту еден не е застанат со градба. Тоа може лесно да се провери на терен. Она што може да ги запре работите на терен и сите оние автопати е неспособноста на СДС и антиреформската влада, рече на денешната прес-конференција Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај споменатите автопати Демир Капија - Смоквица, Миладиновци - Штип, Кичево - Охрид, се проектира изградбата на автопатот Гостивар - Кичево, како и на делницата Скопје - Блаце, рече во тек е и рехабилитација на автопатските делници Смоквица - Гевгелија - Неготино - Демир Капија, Куманово - Миладиновци, Миладиновци - Куманово, Велес - Градско, изградба на експресни патишта Градско - Прилеп, Ранковце - Крива Паланка, изградба на нов експресен пат на делницата Штип - Кочани, изградба на експресен пат Штип - Радовиш, Рехабилитација на магистрален пат Битола - Ресен - Буково, реконструкција на повеќе регионални патишта...

- Ова се само дел од капиталните инвестиции во патната инфраструктура во Република Македонија. Заев може да кажува лаги на интервјуа колку што сака, но ова се фактите и од нив бегање нема. Наместо лаги, Заев на граѓаните треба да им ги објасни новите 500 километри автопат кој ќе ги гради во Република Македонија, односно кога ќе ги градат, каде ќе се наоѓаат овие автопати и колку пари ќе чинат. Тоа е она што ги интересира граѓаните, истакна Мисајловски.

Додаде дека во СДСМ треба да знаат и дека Јавното претпријатие за државни патишта само ги враќа кредитите и е самофинансирачка институција која има големи средства на својата сметка. 

СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не смее да ја повтори приказната од 15 септември кога народот бил сведок на најголемата лага за вработување по еден член од секое семејство. - Граѓаните очекуваат 500 километри нов автопат. Исто така очекуваат минимална плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари. Докторите очекуваат плата од 100.000 денари. Граѓаните не очекуваат неработници кои со лаги ќе сакаат да го сокријат својот антиреформски капацитет, рече Мисајловски.