Македонија
31. July 2017 - 13:27

ВМРО-ДПМНЕ: Неспособноста основни одлики на културните работници на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека варваризмот и неспособноста стануваат основни одлики на т.н. културни работници на СДС.

- Наместо да унапредуваат - уназадуваат. Наместо да создаваат - рушат. Наместо да го ценат квалитетот - спроведуваат партиски чистки. Бркаат од работа успешни професионалци и вработуваат „од чистачка до директор“ луѓе со членска на СДС како втора лична карта. Таков е и новиот совет за култура на министерот Роберт Алаѓозовски во кој членуваат познати деструктивци од СДС, сеачи на омраза и поделби, луѓе кои активно работат на уништување на историјата и културното наследство на Македонија, изјави денеска Милош Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за култура. 

Советот за лечење фрустрации на Роберт Алаѓозовски, како што рече, е сочинет од луѓе како Ѓунер Исмаил, Мирослав Грчев и Владе Милчин, а повеќето од нив јавно говореле дека ќе го рушат проектот Скопје 2014, ќе рушат споменици, ќе ги минираат, ќе ги топат и од нив ќе прават суровина за металуршката индустрија. 

- Без оглед на познатиот однос на СДС кон историјата и хероите на македонската држава, без оглед на вашиот бес и гнев, тој став не е став на мнозинството граѓани во Република Македонија и треба да бидете многу внимателни во чувството на семоќност кое може да повлече ваши непромислени постапки. Започнавте со јадење живи луѓе и политички прогон кој ќе заврши на суд на штета на Република Македонија - и за тоа сталинистот Алаѓозовски ќе одговара, потенцира Милошевски.