Бизнис
31. August 2017 - 11:16

ВМРО-ДПМНЕ: Нема нови социјални станови

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно упати прашања до СДСМ во однос на трошењето на новата Влада, која ја критикува за прекумерно задолжување на државата.

Опозициската партија во соопштение наведува дека во изминативе три месеци СДСМ од девизните резерви и од распишаните аукции на државни хартии потрошиле над 320 милиони евра, со кои, како што истакнува, можело да се изградат околу 22.000 социјални станови од по 50 метри квадратни површина. 

- Нови социјални станови нема, а ги нема и народните пари, истакнува ВМРО-ДПМНЕ и дополнува дека новата Влада прекумерно и во континуитет се задолжува без да каже на што ги троши парите кои ќе треба да ги враќаат идните генерации.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ само во рок од 24 дена потрошиле 23,2 милиони евра од народните пари на ставка стоки и услуги.  - Време е СДСМ да одговори на јавноста каде отидоа нивните пари. Со вакво однесување на Заев и неговата влада ја турка Република Македонија кон банкрот, стои во соопштението.