Македонија
17. January 2016 - 16:40

ВМРО-ДПМНЕ: Не постојат пречки за одржување на изборите на 24 април

Не постојат никакви пречки да се одржат изборите на 24 април, потенцира денеска ВМРО-ДПМНЕ во реакција на соопштението на СДСМ.

Ова, како што стои во текстот, е кристално јасниот став на еврокомесарот Јоханес Хан и ова е вистината која на површина го извади стравот на СДСМ од соочување со народот.

- СДСМ во ноември ги изгласа измените во Изборниот законик каде како датум беше потврден 24 април. СДСМ заради сознанието дека нема поддршка од граѓаните сега сака да ја продлабочи и пролонгира кризата во која ја втурна Република Македонија, се наведува во соопштението од владејачката партија.

Опозициската партија, се посочува, е синоним за деструкција и СДСМ може да егзистира само во криза.

- Затоа СДСМ бега од ставот кој јасно го соопшти еврокомесарот Јоханес Хан: „Во четвртокот имав контакт со директорот на ОДИХР, господин Линк и со генералниот секретар на ОБСЕ. И двајцата ми потврдија дека доколку сите во државата се посветени ќе биде возможно да се спроведат фер, транспарентни и демократски избори, според нашите европски и меѓународни стандарди. На секој начин на кој европските институции, ОБСЕ, ОДИХР, Европската комисија можат да помогнат да се направи, тие ќе бидат таму и јас повторно ќе дојдам. Но сега останува политичките партии да донесат одлуки. Јас само можам поттикнам сите да партиципираат на изборите.“

Раководството на СДСМ, според ВМРО-ДПМНЕ е избезумено од фактот дека на 24 април завршуваат нивните политички кариери.