Македонија
25. August 2018 - 16:17

ВМРО-ДПМНЕ не ги сака државните пари за кампања за референдумот, СДСМ вели дека се лицемерни

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да користи јавни пари за пропаганда за рефрендумот. Лидерот Христијан Мицкоски преку Фејсубук им порача на пратениците парите од Собранито кои би следувале за нивните реклами да се искористат за реновирање на тетовската гимназија.

„Ќе предложам на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, доколку постои можност делот од средствата кои се потврдени за ВМРО-ДПМНЕ да се пренамени и истиот да се донира за да се изгради или догради нов објект во состав на големиот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, доколку постои правна пречка за тоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе се откаже од делот за средствата и јавно ќе побараме истите средства да се вратат во буџетот, и ќе побараме владата да ги инвестира токму во ова тетовско училиште “, напиша Мицкоски.

Тој најавува дека ВМРО-ДПМНЕ во кампањата ќе користи, како што вели, сопствени сили и средства …пред се одејќи од врата на врата, од дом во дом. „А, во моментот кога ќе го дефинираме конечниот став во однос на самиот чин на гласање и учество  на референдумот, истиот ќе биде соопштен на граѓаните“, пишува Мицкоски.

За него лицемерно е некој вели дека е за напредок, за инвестиции и подобар живот, а треоши буџетски пари за кампања за договор кој во суштина е штетен.

Од СДСМ вратија дека лицемерен  е токму Мицскоски.

„ВМРО-ДПМНЕ со години трошеше десетици милиони евра пари на граѓаните за рекламни кампањи, пропаганда и манипулација на јавноста. Денес кога треба да се покаже одговорност пред иднината и пред граѓаните, Мицкоски се однесува лицемерно и неодговорно. Мицкоски да не се грижи, Владата предводена од СДСМ работи одговорно и во интерес на граѓаните и има обезбедено средства за реконтрукција и изградба на нови училишта, меѓу кои е и гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово“.

Пратениците можат да користат на реклами платени од собранискиот фонд од 80 милиони денари.

Во понеделник на состанок во парламентот Талат Џафери заедно со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи ќе го утврдуваа соодност на минутите реклама што ќе ги добијат оние кои се „за„, „против“ или „бојкот“ на референдумот.  Неискористените минути нема да се  платат, а парите предвидени за нив ќе се вратат во буџетот.

Во меѓувреме на повикот на  Џафери се јавија пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски кој ќе го бојкотира референдумот и пратеничката група на ДУИ која пак ќе води кампања за гласање „за“. Се очекува викендов за ваква кампања „за“ да се изјасни и пратеничката група на СДСМ или пак, пратеници од нејзе.

Јавните пари ќе бидат само за реклами. Останатите активности од кампањата, како средби со гражани, изработката на спотовиите, или митинзите ќе се плаќаат од сопствени средства.