Македонија
28. November 2018 - 17:43

ВМРО - ДПМНЕ на протест бара одговорност за власта

Македонија ни е обвиткана со црнила и темнина, затоа сме сите заедно рамо до рамо, да ја урнеме оваа неспособна и криминална власт предводена од аболираниот политичар Зоран Заев. Ова вечерва на првиот од серијата протести на опозицијата го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој вели дека на следните предвремени или редовни парламентарни избори, власта предводена од СДСМ ќе доживее тежок пораз, а првата победа, опозициската партија ќе ја извојува на претседателските избори.

Опозицискиот лидер Мицкоски ги критикуваше и економските политики на владеачката партија. Вели дека СДСМ ги излажале граѓаните кога ветувале висок раст на БДП, а власта не ги реализирала ниту ветувањата за инвестиции од Гугл и Фејсбук.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека не ветуваат она што не можат да реализираат. Ние нема да ветиме алпски воздух како што кажуваше еден министер кој седи во владата, но затоа имаме план за 30 процентно намалување на аерозагадувањето, рече Мицкоски.

Опозицијата најави протест и следната среда. Во викендите, партијата ќе организира протести во градовите низ државата.